По две децении, Вевчанскиот карневал повторно стана дел од престижната Федерација на европски карневалски градови (ФЕЦЦ). Оваа важна вест ја објави градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, кој истакна дека карневалот го загубил членството во 2003 година поради неплатени обврски за членарина.
– Со посветеност и голем напор, минатата година успеавме да ги исплатиме сите заостанати обврски од изминатите 20 години. Благодарение на тоа, оваа година, според Одборот на ФЕЦЦ, Вевчани повторно е полноправна членка на Федерацијата. По 20 години, Вевчанскиот карневал се врати на своето заслужено место, изјави Кочовски.
Членството во ФЕЦЦ, како што додаде, отвора нови можности за промоција на Вевчанскиот карневал на европската сцена, што истовремено значи и промоција на самиот Вевчани.
– Покрај зголемената видливост, членството ни овозможува учество на бројни европски карневалски манифестации. Ова е огромна гордост за нашата општина и со нетрпение очекуваме нови можности за соработка, размена на искуства и дополнително зајакнување на традицијата на нашиот уникатен карневал, нагласи Кочовски.
Вевчанскиот карневал, препознаен како нематеријално културно наследство, има историја од околу 15 века. Секоја година на 13 јануари, напладне, започнува со дефиле на маски организирано од василичарските друштва Горна и Долна маала. Неговата автентичност и уникатност го издвојуваат од останатите карневалски манифестации, благодарение на комбинацијата од традиционални и современи теми. Освен традиционалните маски на зет, невеста, ѓаволи и глупави Августи, секогаш се присутни и маски инспирирани од актуелните политички и општествени случувања. Вевчанци секоја година внимателно ја кријат темата на своите маски до самиот ден на дефилето, правејќи го секое издание на карневалот уникатно доживување.
