Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Викторио сред Македонија ги донесе најегзотичните и најуникатни цвеќиња во светот

За Викторио Јаковлески егзотичните растенија преставуваат хоби, страст и предизвик. Во репортажата за порталот Рацин.мк вели дека има околу 500 единки од егзотичните билки. Неговиот двор е во форма на џунгла. Најомилено растение му е Адениум Обесум. Тој исто така потенцираше дека неговата колекција на растението Плумерии можеби една од најстарите и најголемите на просторите на бивша Југославија. Според него, плумериите го поседуваат еден од најубавите мириси во растителниот цвет.

Хусаметин ГИНА

Егзотични растенија се оние видови кои се донесени од различни краеви на светот и се прилагодени да растат во нашата средина. Најчесто тоа се тропски и суптропски билки, кои доаѓаат од Америка, Азија, Австралија и Нов Зеланд.

За Викторио Јаковлески, поранешен новинар, кој моментално кариерата ја продолжува во делот за односи со јавноста, егзотичните растенија преставуваат хоби, страст и предизвик.

Страста кон растенијата, природата започнува пред 15 години на десеттиот кат во скопската населба Скопје Север каде што живеел претходно. Купуваат птица, а со тоа се појавува и потребата околу птицата да има зеленило. Го купуваат првото растение. А апетитите на Викторио кон растенијата, зеленилото започнале да растат секојдневно. Со вселувавањето во куќата во Бардовци се отвораат поголеми можности за одгледување на растенија. Куќата е изградена со стаклена градина која дава можност да се одгледуваат егзотични растенија, чија бројка од ден на ден расте се повеќе.

Многумина знаат да ми кажат ти си по цвеќињата. Не, јас сум по егзотичните растенија, по природата, еве може да видите и дворот каков е. Има форма на џунгла. Не е тоа стерилен двор со две растенија и трева. Повеќе во форма на џунгла. Што вика сопругата уште еден мајмун фали и сѐ да имаме во дворот. Значи така започна. Потребата од природата ја има секој човек, посебно сега што живееме во бетонска џунгла. Така направивме еден микро космос. Наша микро вселена којашто изобилува со огромен број на растенија“

Истакнувајќи дека реално не може да се наброи колку точно растенија има Викторио рече дека сигурно има околу 500 единки од егзотичните билки.

Она што го прави денес дефинирајќи го како хоби, страст и потреба од предизвик, нагласи дека за него се предизвик растенијата кои бараат посебна нега. И откако тие ќе пораснат и процветаат, Викторио го постигнува својот врв, поточно неговата цел.

Најомилено растение му е Пустиннската роза (Адениум Обесум) која расте во форма на бонсаи и има атрактивни цветови. Од него има голема колекција.

 „Тоа расте на Суматра, значи во егзотичните предели. Расте во форма на Бонсаи. И единствено ако се посее од семе ја добива формата на Бонсаи. Може да се зафати и од гранка ама ја губи таа форма, што велиме ние со стомаче, нема стомак. Него останува, знае да цвета. Меѓутоа ја нема формата којашто е барана во светот на Адениумите. Тие имаат многу атрактивни цветови“

Исто така омилено му е и растението Плумериа. Викторио потенцираше дека неговата колекција на Плумерии можеби една од најстарите и најголемите на просторите на бивша Југославија. Според него, Плумериите исто цветаат и го поседуваат еден од најубавите мириси во растителниот цвет. Од неа се копира мирисот за да се направи парфем.

На  прашањето како би ја опишале енергијата на цвеќињата и зелената боја и нивното место во неговиот живот, Викторио рече дека ако овој современ свет бара посета на психијатар  јас немам потреба од тоа, мене психијатар ми е зеленилото, растенијата и грижата за нив.

Осврнувајќи се на придобивките од  одгледувањето на егзотичните растенија Викторио нагласи:

„Придобивките се убавиот двор, убавото место за живеење, хоби кое што бара многу посветеност, ама дава десет пати повеќе како награда. Кога ќе видите дека нешто расцветало по прв пат тоа е за мене врв. А она што е проблем се моите апетити. Секогаш барам повеќе и повеќе“

Истакнувајќи дека во иднина целта му е да ги намали бројот на растенијата, и да се посвети на само неколку вида, Викторио рече дека на една наша институција им понудил да ги земат дел од растенијата, биле воодушевени дека ќе ги земат, но не успеале да обезбедат превоз.

„За жал, мораа да останат надвор и веќе ги нема“, додаде тој. 

За Викторио најубави цвеќиња  во светот се аденуимите, плумериите, орхидеите, растението Еритрина криста – гали која што не е познато многу во јавноста, дреновите кои имаат преубав цвет и секако трендафилите.

Потенцирајќи дека трендафилот  можеби е еден од најубавите подароци на природата, Викторио Јаковлески додаде дека, тоа е цвет којшто е целосен и има преубав лик, има мирис.

Меѓу другото, тој потсети дека нашите баби правеле слатко и сок од трендафили.

Треба да знаете
Moже да ве интересира