За Тошковски, семејството треба да делува за фемицидите, а протестирачите го лажат народот

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера вечер ги спореди бројките на фемициди во 2018, 2022 и 2026 година, тврдејќи дека во секоја од овие години имало по седум жртви. Но, евиденцијата на националната Опсерваторија за фемициди Femicide.mk не ги потврдува неговите тврдења.

Според евиденцијата на Опсерваторијата, во 2018 година се заведени шест случаи, но еден од нив е обид за фемицид, а не убиство. Во 2022 година е евидентиран еден случај. Ова е значително поинаква слика од онаа што ја претстави министерот, кој ги спореди овие години со актуелните седум жртви во 2026 година.

Тошковски говореше на настан организиран од Унијата на жени, Градскиот комитет и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“. Тој ги праша демонстрантите дали паметат некоја од жените убиени во 2018 година и зошто тогаш не протестирале.

„Дали некој од овие коишто протестираа денеска, граѓани на коишто им го разбирам гневот, незадоволството и разочарувањето, памти име на жена која го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година?“, праша министерот.

Тој оцени дека фемицидот е едно од најголемите општествени зла и дека одговорноста не е само на полицијата, туку и на другите институции и невладините организации, а пред сè на семејството.

„Дали полицијата е таа којашто е единствена во рамки на системот општествен којшто треба да делува или има и други институции коишто треба да го дадат своето, невладини организации, а пред сè би тргнал од семејството“, рече Тошковски.

Министерот во говорот се осврна и на барањата за негова интерпелација, обвинувајќи ги политичките противници дека се обидуваат вината да ја префрлат врз него, а притоа во 2022 година не барале оставка од тогашниот министер за внатрешни работи.

„Тие лажејќи се себеси се обидуваат да го лажат и македонскиот народ дека ова што го прават денес за нив е најголем приоритет, а бил и во 2022, бил и во 2018 година“, рече Тошковски.

Тој додаде дека актуелната власт презела законски измени во 2026 година, со кои телесната повреда е предвидена како кривично дело за кое Министерството за внатрешни работи постапува по службена должност.

Вчерашниот протест на иницијативата „Ниту една повеќе“ беше посветен на барањата за институционална одговорност, навремена заштита на жртвите и конкретни мерки за спречување на насилството врз жените. Со протестите, граѓаните бараат одговори за постапувањето на институциите и за пропустите што можат да имаат трагични последици.

Наместо да одговори на прашањата за институционалните пропусти и заштитата на жените, министерот дел од своето обраќање го посвети на мотивите на демонстрантите и на политичката одговорност на неговите претходници.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?