Започна маршот за правда во Скопје со порака: Системот е следен!

Во 18:59 на градскиот плоштад во Скопје започна протестниот граѓански собир, организиран од движењето „Кој е следен?“. Протестот започна со триминутен молк за загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Граѓаните на плоштадот „Македонија“ во Скопје положија цвеќе и запалија свеќи по што се упатија кон зградата на Собранието.

Во паркот Жена борец спроти Собранието и Градската болница граѓаните дадоа петминутен аплауз за здравствените работници кои напорно работат на опоравувањето на повредените од пожарот по што продолжија до Владата.

Пред маршот иницијативата „Кој е следен?“ објави и конкретни барања.  Првото е транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од Државен пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани, Локален градежен инспекторат, Дирекција за заштита и спасување и Управа за јави приходи.

Тие исто така бараат и дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со случајот „Пулс”.

Исто така, соодветна одговорност за сите поврзани со случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“. Воедно, движењето бара Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен