Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, за реформската агенда, врзана со Планот за раст за Западен Балкан, со којшто земјава треба да добие 750 милиони евра, вели дека нема да има проблеми при нејзината имплементација.
„Во 2024 година предвидени се четири чекори во вредност од 17 милиони евра. Од тие четири чекори, две се веќе исполнети, една е делумно исполнета и другата е при крај. Имајќи ја предвид оваа динамика мислам дека нема да имаме големи проблеми при имплементација особено поради фактот што јас лично како министер сум имал координативни состаноци со сите министри коишто се дел од реформската агенда и како Министерство имаме на располагање голем број на инструменти преку кои можеме да ги поддржиме министерствата“, рече Муртезани, за МИА.
Муртезани нагласува дека за исплата на првата транша од 52,5 милиони евра, имавме два предуслова -Договорот за инструмент за раст и ратификација во Собранието и Договорот за задолжување, односно заем и истиот да се ратификува во Собрание.
„Поминати се во Влада, јас го потпишав договорот за инструментот за раст, се чека многу брзо Собранието истите да ги ратификува. Меѓутоа, бидејќи станува збор за нов сет на реформи не само за земјите кандидати од Западен Балкан, туку и за Европската комисија првичните рокови декември 2024 се поместени за крај на февруари и првиот период за репортирање за спроведените реформи којшто беше 15-ти јануари е поместен за 15-ти март. Ова е дополнително време кое што ни дава нас уште една можност да се дополнително консолидираме. Понатамошните исплати ќе се направат после шестмесечните евалуации, односно извештаи“, рече Муртезани.
Тој смета дека ернаредните исплати ќе зависат од динамиката за спроведување на реформите.