Сојузот на филателисти на Македонија на меѓународната филателистичка изложба 20. БАЛКАНФИЛА, која се одржа во Солун, ги доби највисоките награди. Меѓународното жири додели највисоки оценки за збирката на Дончо Георгиев под наслов „Мојата убава земја“ и со 86 бода се закити со златен медал. Публикацијата „Сто години историја на Велес на поштенски картички“ на Виктор Габер и Зоран Стрезоски беше оценета со 85 бода и освои позлатен медал. Висока оценка доби и комесарот на нашата делегација Станко Зафиров за збирката „Парните локомотиви на Балканот“. Сојузот на филателисти во Солун се претстави со збирки и материјали на седум свои членови.
Посетителите имаа можност да се запознаат со колекциите на повеќе од 300 филателисти, изложени во над 2000 витрини.
-Во рамките на оваа балканска манифестација беше одржана и Тркалезна маса на тема „Да инвестираме за иднината“. Свое обраќање под наслов „Добрите и лошите обичаи“ имаше секретарот на Сојузот, Виктор Габер, кој ги претстави етапите во развојот на филателиjа во нашата земја и стекнатите искуства, стои во соопштението од Сојузот на филателистите на Македонија.
Изложбата која беше во организација на Грчката филателистичката федерација, се одржа во просториите на Меѓународниот саем во Солун.