Властите во Босна и Херцеговина одлучија да го забранат прелетувањето на српскиот владин авион, кој требаше да ја однесе владината делегација во Бања Лука за да го одбележи Денот на српското единство, слободата и националното знаме.
По ваквиот потег, со реакции се огласија српскиот премиер Ѓуро Мацут и екс лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
Како што е наведено во соопштението на Владата на Србија, премиерот во технички мандат, Ѓуро Мацут, изјави дека во 21 век во Европа е несоодветно да се обидуваат да користат административни мерки за да се спречи некого да дојде да прослави празник кој не загрозува никого и не е насочен против никого.
„Сигурно нема да бидам спречен да бидам во Бања Лука вечерва“, нагласи Мацут, додавајќи дека ќе патува до Бања Лука со автомобил бидејќи му е важно да биде со народот и со достоинство и мир да го одбележи Денот на српското единство, слобода и национално знаме.
„Политичкото лудило и изливите на омраза од страна на бошњачките политичари мора да завршат. Со едностраната забрана на српскиот премиер Ѓуро Мацут да лета над земјата, тие ја надминаа секоја мерка“, рече Додик на социјалната мрежа X.
Тој оцени дека немаат право на таква одлука и дека таа е неуставна.

