Обидот на Северна Македонија да ја заобиколи преговарачката рамка за членство во Европската Унија е неуспешен.
Вака бугарските медиуми го толкуваат извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET) за Северна Македонија, усвоен на 3 јуни со 43 гласа „за“ и 17 „против“, но се премолчува делот каде што се нагласува „обврската на сите земји-членки на Советот на Европа брзо да ги спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Гласањето за извештајот за Македонија на пленарна седница е закажано за 6 јули.
Конечната верзија на документот, на кој се повикуваат некои бугарски медиуми, ја истакнува опасноста од геополитичкиот проект на белградскиот режим – „српскиот свет“. Со загриженост се даваат голем број предупредувања: „сè поблиските врски меѓу Северна Македонија и српската влада, која следи нелиберален политички курс; растечкото кинеско економско и политичко влијание во регионот, особено преку инфраструктурни проекти и кредитирање; руските обиди да вршат влијание во Северна Македонија“.
Бугарските медиуми истакнуваат дека во нацрт-извештајот, известувачот за Македонија Томас Вајц предложи амандман кој е отстранет од конечната верзија на текстот.
Тој, укажуваат медиумите во Бугарија, ќе го доведеше во прашање вториот протокол кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Овој протокол го споменува самата ЕУ како дел од преговарачката рамка. Со амандманот 108 во нацрт-извештајот, Вајц предложи текстот на идната резолуција да наведе дека Европскиот парламент „ја повикува правната служба на Советот итно да ги разјасни сите двосмислености во врска со правниот статус на вториот билатерален протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји во однос на процесот на пристапување“.
Наместо тоа, усвоената верзија на текстовите на извештајот, според Бугарија, експлицитно потврдува дека Северна Македонија мора да ја исполни својата обврска за уставните промени. Заклучокот на Советот дека е „подготвен да одржи меѓувладина конференција без понатамошно одложување или дополнителни политички одлуки штом Северна Македонија ја исполни својата обврска да ги заврши потребните уставни промени во согласност со своите внатрешни процедури“ е подвлечен.
Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент го содржи и следниот текст: „(ЕП) ја повикува ЕУ да ја поддржи Северна Македонија во зајакнувањето на нејзината отпорност кон надворешно влијание преку религиозни мрежи; изразува загриженост за наративите промовирани во регионот кои го доведуваат во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, вклучително и таканаречениот „српски свет“.
Параграфот 71 „ги осудува сите обиди за замена на историски споменици и/или артефакти, вклучително и уништувањето на автентичното културно наследство. Го осудува уништувањето и фалсификувањето на бугарските натписи. Ја нагласува потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби УДБА и КОС, „кои се чуваат во Северна Македонија и Србија“, посочуваат бугарските медиуми.
Во предложениот документ на ЕП се изразува жалење што не е постигнат никаков напредок од претходниот извештај на ЕП. Во усвоените текстови исто така се наведува:
„Изразува сериозна загриженост што последниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се одржа на 17 јули 2022 година и дека оттогаш не е одржан никаков нов состанок; ги повикува владите на Бугарија и Северна Македонија брзо да го организираат третиот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со цел да се продолжи со спроведувањето на Договорот и неговите протоколи“.
„Итно ја повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија, формирана како резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија, да постигне јасни и конкретни резултати; текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народа врз основа на објективни, автентични и докажани историски извори и документи, научно толкување и историски настани, како што е предвидено во Вториот протокол кон Договорот за добрососедство со Бугарија.“
Текстот на извештајот, исто така, ја нагласува важноста на прекуграничните врски, вклучувајќи ги Коридорите VIII и X, кои се идентификувани како витални за зајакнување на економската соработка со соседните земји и зголемување на контактите меѓу луѓето.
Европскиот парламент „смета на ефикасно спроведување на преземените обврски“ и „го поздравува договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел, што претставува одлучувачки чекор кон завршувањето на железничката врска долж Коридорот VIII“. Текстот, исто така, ја забележува стратешката важност на Коридорот VIII за геостратешката автономија на ЕУ и НАТО, бидејќи служи како клучен логистички пат на јужното крило на НАТО.
Исто така, се нагласува „обврската на сите земји-членки на Советот на Европа брзо да ги спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и дека сите законски измени мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди и препораките на Венецијанската комисија, како и со препораката на Европската комисија против расизам и нетолеранција, вклучително и во однос на Законот за здруженија и фондации и спроведувањето на судските одлуки поврзани со регистрацијата на здруженија.“
