Бугарските европратеници во паника, Вајц не ги прифатил нивните амандмани

Вајц

Бугарските европратеници Ивајло Валчев од Групата на европските конзервативци и реформисти и Станислав Стојанов од Групата на Европа на суверени нации во коментарите испратени до Вајц, реагираат дека европратеникот и известувач за Македонија во извештајот за земјата ги доведува во прашање клучните принципи на Европскиот парламент и создаваат опасни преседани. Формулациите во извештајот ги поткопуваат политиките утврдени во преговарачката рамка меѓу ЕУ и земјата.

Бугарската агенција БГНЕС пренесува дека коментарите се поддржани од сите бугарски претставници во Европскиот парламент во специјално писмо испратено до известувачот, известувачите во сенка, координаторите за надворешна политика на политичките групи во ЕП и раководствата на групите.

Валчев и Стојанов нагласуваат дека клучните прашања и црвени линии покренати во над 100 амандмани на извештајот поднесени од бугарските претставници повторно не се соодветно одразени. Двајцата бугарски претставници се известувачи во сенка за своите политички групи. Во своите забелешки, тие истакнуваат дека предложените компромисни текстови повторно поставуваат опасни преседани.

„Ова не е само прашање на национална чувствителност или билатерални загрижености. Тоа влијае на интегритетот, предвидливоста и институционалниот кредибилитет на самиот процес на проширување на ЕУ. Доколку елементите едногласно договорени од Советот и формално прифатени од земја-кандидат можат последователно да се релативизираат, политички да се преиспитаат или индиректно да се отворат повторно преку јазикот на извештајот на Европскиот парламент, ова ризикува да ја поткопа довербата во сопствените одлуки, обврски и рамката за пристапување на Европската Унија“, се вели во ставот.

Бугарските европратеници, исто така, предупредуваат дека секое разводнување или заобиколување на веќе постигнатите европски компромиси преку јазикот на парламентарните извештаи би претставувало сериозен ризик за довербата во процесот на пристапување.

„Доколку едногласно договорените европски компромиси последователно би можеле да се разводнат, заобиколат или политички да се преиспитаат преку јазикот на парламентарните извештаи, ова би претставувало сериозна закана за интегритетот, предвидливоста и институционалниот кредибилитет на самиот процес на пристапување во ЕУ и би испратило длабоко загрижувачки сигнал и до земјите-членки и до земјите-кандидатки за сигурноста на сопствените обврски на Унијата“, се наведува понатаму во писмото.

Во овој поглед, бугарските претставници инсистираат нивните загрижености и ставови соодветно да бидат одразени во конечните компромисни текстови што ќе се гласаат во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Според нив, ова е неопходно за да се спречат понатамошни институционални тензии, да се избегне повторно отворање на политички чувствителни прашања и да се зачува широкиот политички консензус неопходен и за кредибилитетот на извештајот и за самиот процес на проширување.

Заедничкиот став на бугарските европратеници е испратен и до претседателот на Националното собрание, претседателот, премиерот на Бугарија и министерот за надворешни работи.

Зачлени се на нашиот е-билтен