По години најави, планови и расправи за иднината на Максимир, во Загреб конечно е претставено победничкото архитектонско решение за новиот стадион на Динамо. Идниот Максимир ќе има околу 35.000 целосно наткриени места, ќе ги исполнува условите од највисоката категорија на УЕФА, а целиот проект на стадионот и спортскиот комплекс е проценет на 204 милиони евра.
Победник на меѓународниот конкурс е италијанското студио VG13 Architects Studio Associato, зад кое стојат архитектите Томасо Фантини и Алберто Роси. Нивниот проект бил избран меѓу 88 пристигнати решенија од повеќе од 20 земји. Во комисијата која одлучувала биле и претседателот на Динамо Звонимир Бобан, градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ и министерот за туризам и спорт Тончи Главина.

Фото: Град Загреб
Новиот стадион визуелно значително се разликува од класичните затворени фудбалски арени. Архитектите го замислиле како композиција од големи хоризонтални и коси површини, интегрирана со просторот на Максимир и Светице. Освен главниот стадион, проектот предвидува три помошни фудбалски терени и гаража со околу 800 паркинг-места. Во поширокиот спортско-рекреативен центар Светице треба да бидат сместени и атлетски стадион, како и сали за ракомет, кошарка и футсал.
Стариот Максимир треба да почне да се отстранува во 2027 година, а пред тоа Динамо ќе мора да се пресели на реконструираниот стадион во Крањчевиќева. Според актуелната динамика што ја објави Град Загреб, работите на новиот стадион се очекува да почнат во 2029 година. Победничкото студио сега треба да ги изработи идејниот, главниот и изведбениот проект, по што следуваат дозволите и јавната набавка за изградба.

Фото: Град Загреб
Првите визуализации веднаш предизвикаа поделени реакции меѓу навивачите. Дел од нив го поздравија фактот што Загреб конечно направи конкретен чекор кон нов стадион, додека други го критикуваа минималистичкиот изглед и недостатокот на препознатливата сина боја. За Динамо, сепак, изборот на победничкото решение означува најконкретен чекор досега кон замена на Максимир, стадион кој повеќе од еден век е дел од спортската историја на Загреб.

Фото: Град Загреб

