Возачите од Западен Балкан утре ќе бараат решение за престојот во Шенген

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора утре ќе одржат регионален состанок на кој ќе разговараат за ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген зоната. Европската комисија досега не понудила конкретно решение, иако превозниците поставија рок до 10 август. 

Проблемот се однесува на правилото според кое возачите од земјите од Западен Балкан можат да престојуваат во Шенген зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена. Превозниците сметаат дека ова правило ги третира професионалните возачи како туристи и сериозно го отежнува меѓународниот транспорт. 

Според транспортните здруженија, возачите и понатаму се соочуваат со задржување на камиони, депортации и забрани за влез доколку го надминат дозволениот број денови. Превозниците бараат нивниот работен престој да се разгледува поинаку, имајќи предвид дека станува збор за лица кои професионално вршат меѓународен транспорт. 

Тие предлагаат времето поминато во работа да се утврдува и преку податоците од тахографите, кои го бележат времето на возење, одмор и другите активности на професионалните возачи. 

Од транспортните здруженија претходно ѝ дадоа рок на Европската комисија до 10 август да понуди системско решение. Бидејќи конкретен одговор не стигнал, претставниците на превозниците од четирите земји ќе разговараат за следните чекори и можните форми на притисок. 

Проблемот не е нов. На почетокот на годинава превозници од регионот веќе организираа блокади на товарни терминали на гранични премини, но тогаш не беше постигнато трајно решение. 

Според најавите, регионалниот состанок треба да се одржи на 11 август во Северна Македонија, по што превозниците ќе одлучат како ќе продолжат со барањата кон Европската Унија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?