Поради службени должности, српскиот претседател Александар Вучиќ нема да присуствува на погребот на хашкиот осуденик Ратко Младиќ во понеделник во Белград.
Поранешниот командант на војската на босанските Срби почина минатата недела во затворот на Хашкиот трибунал каде што отслужуваше доживотна казна затвор за воени злосторства во Босна и Херцеговина, вклучувајќи го и геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година.
Посмртните останки на генералот, кој многумина во Србија го сметаат за херој, ВЧЕРА беа донесени во Белград со авион на српската влада и ќе бидат погребани во семејна гробница, очигледно без воени и државни почести.
Вучиќ изјави дека семејството донело одлука за местото и начинот на погребот, на кој тој нема да присуствува поради посетата на претседателот на Узбекистан. „Разговарав со семејството Младиќ, тоа е нивен избор, што ќе прават и како ќе го прават тоа. Имам официјална посета во понеделник цел ден, закажана пред четири месеци“, им рече Вучиќ на новинарите.
Синот на Младиќ, Дарко, на прес-конференцијата објави дека ковчегот ќе биде изложен во локалната црква до 12:00 часот, а дека погребот се очекува околу 14:00 часот. Комеморацијата е закажана во Домот на Армијата во сабота во 12:00 часот.

