Со седум натпревари денеска, 24 септември, почнува кошаркарската Евролига за сезоната 2026/27. Првото коло ќе заврши утре, кога на програмата се преостанатите три средби.
Еден од дуелите на отворањето е гостувањето на актуелниот шампион Олимпијакос кај Басконија. Реал Мадрид ја почнува сезоната на гости кај Дубаи, Барселона го пречекува Анадолу Ефес, а Црвена звезда ќе игра дома против Жалгирис. Денеска се среќаваат и Хапоел Тел Авив – Баерн Минхен, АСВЕЛ – Макаби Тел Авив и Панатинаикос – Париз.
Во петок, 25 септември, Партизан ќе го пречека Армани Милано, Фенербахче ќе игра против Виртус Болоња, а Бешикташ ќе го одбележи враќањето во Евролигата со домашен натпревар против Валенсија.
И оваа сезона учествуваат 20 клубови. Секој ќе одигра по 38 натпревари во регуларниот дел, кој завршува на 16 април 2027 година. Шесте најдобро пласирани екипи ќе обезбедат директен пласман во плејофот, додека екипите од седмото до десеттото место ќе се борат за последните две позиции. Завршниот турнир е закажан за крајот на мај.

