ФИФА го претвора финалето на Светското првенство во луксузен настан

Мундијал

Финалето на Светското првенство во фудбал во 2026 година сè повеќе изгледа како спортски спектакл резервиран за оние што можат да платат цена на луксузен автомобил. ФИФА тројно ја зголеми цената на најдобрите достапни билети за финалето, па местата од предната категорија 1 за натпреварот на 19 јули на „Метлајф“ стадионот во Њу Џерси сега се продаваат за 32.970 долари. Претходно највисоката цена за истата категорија изнесуваше 10.990 долари.

Ова не е изолиран скок, туку дел од пошироката политика на ФИФА за динамичко ценообразување на Светското првенство во САД, Канада и Мексико. Тоа значи дека цените се менуваат според побарувачката, достапноста на билетите и атрактивноста на натпреварот. За првпат ваков модел се користи на машко Светско првенство, а уште при стартот на продажбата беше најавено дека најевтините билети ќе почнуваат од 60 долари, додека најскапите за финалето првично беа поставени на 6.730 долари.

Сега, само неколку месеци подоцна, најскапата официјална цена за финалето веќе е речиси петпати повисока од првичниот врв и трипати повисока од претходната категорија од 10.990 долари. Тоа ја отвори дилемата дали Светското првенство, кое традиционално се претставува како најмасовен фудбалски настан во светот, сè повеќе се движи кон модел на премиум забава за ограничен круг публика.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ги брани високите цени со аргумент дека организацијата мора да се приспособи на американскиот пазар, каде што билетите за големи спортски и забавни настани често се движат според побарувачката. Тој тврди дека ако ФИФА ги продава билетите по пониски цени, тие потоа повторно би завршиле на секундарниот пазар по многу повисока цена.

Но токму секундарниот пазар стана дополнителен извор на критики. На официјалната платформа за препродажба на ФИФА билети за финалето се појавиле со цени од речиси 9.000 долари до повеќе од 11 милиони долари. Иако ФИФА не ги контролира цените што ги бараат продавачите на таа платформа, организацијата наплатува провизија од 15 проценти од купувачот и уште 15 проценти од продавачот.

Реакциите не доаѓаат само од навивачите. Група американски конгресмени веќе побараа од ФИФА да ги намали цените, оценувајќи дека динамичкото ценообразување го претвора Светското првенство во настан што станува недостапен за голем дел од публиката. Во писмото до Инфантино тие предупредија дека моделот ја става максимизацијата на приходите пред пристапноста за навивачите и локалните заедници.

Слична реакција дојде и од европските навивачки организации, кои поднесоа жалба до Европската комисија. Тие ја обвинија ФИФА за неконтролирано динамичко ценообразување, недоволна транспарентност и притисок врз купувачите, наведувајќи дека билетите за финалето во Њу Џерси стартуваат од 4.185 долари, што е седумпати повеќе од најевтиниот билет за финалето на Светското првенство во Катар во 2022 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен