Македонската фудбалска репрезентација со високи амбиции го очекува саботниот натпревар против Швајцарија, со кој ќе го започне настапот во новата сезона од Лигата на нации. Капитенот Енис Барди и Елиф Елмас најавија голема борба и обид за освојување поволен резултат против силниот противник.
Двајцата репрезентативци присуствуваа на официјалната прес-конференција заедно со селекторот Гоце Седлоски и порачаа дека домашниот терен и поддршката од трибините можат да бидат важна предност за Македонија.
Барди упати повик до навивачите во што поголем број да дојдат на Националната арена „Тодор Проески“, нагласувајќи дека репрезентацијата во Скопје традиционално игра со дополнителна енергија и мотив.
„Кога играме во Скопје, ниту еден противник не се чувствува удобно. Тоа го знаеме ние играчите, но и публиката. Мораме да покажеме идентитет како тим. Македонија во Скопје секогаш игра добро и мотивирано и тоа треба да го покажеме и сега. Само со поддршка од навивачите ќе стигнеме до посакуван и позитивен резултат“, изјави Барди.
Елмас е свесен за квалитетот на Швајцарија, која во Скопје доаѓа како четвртфиналист од последното Светско првенство, но смета дека македонските фудбалери се подготвени за предизвикот.
„Очекувам тежок натпревар против моќна репрезентација, но ние сме подготвени и ќе излеземе по позитивен резултат. Чест ни е што доаѓаат нови млади фудбалери во репрезентацијата и ние ги прифаќаме најдобро што можеме. За секој фудбалер е чест да го носи дресот на репрезентацијата“, порача Елмас.
Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија ќе се одигра во сабота, на 26 септември, од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

