Македонија се врати од Таранто со шест медали

Македонските спортисти ги завршија Медитеранските игри во Таранто со шест освоени медали – едно злато, две сребра и три бронзи. Со овој учинок Македонија го изедначи бројот на медали од Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година.

По враќањето на делегацијата, Македонскиот олимписки комитет организираше прес-конференција на која за настапот зборуваа претседателот на МОК, Даниел Димевски, златниот каратист Матеј Белистојаноски, шефот на делегацијата Петар Спасеновски и потпретседателот на Федерацијата на боречки спортови, Могамед Ибрагимов.

Димевски оцени дека шесте медали се потврда за квалитетот и подготовката на македонските спортисти.

„Шест медали од Медитеранските игри се резултат со кој треба да бидеме горди. Овие одличја се освоени со огромен труд на спортистите, нивните тренери и федерациите“, рече Димевски.

Најголемиот успех го оствари Белистојаноски, кој освои злато во карате во категоријата до 67 килограми. Тој со четири победи стигна до титулата, а во финалето убедливо го совлада хрватскиот претставник Боран Берак со 6:0.

Белистојаноски рече дека медалот е резултат на долг период работа и одрекување и дека успехот му дава дополнителен мотив за следните натпреварувања.

Две сребрени одличја за Македонија освоија Фати Вејсели во борење слободен стил до 74 килограми и Реџеп Хајдари во категоријата до 97 килограми.

Бронзени медали освоија Вероника Консевиќ во борење до 57 килограми, Ахмад Магомедов во категоријата до 86 килограми и Ален Рустемовски во бокс до 60 килограми.

Шефот на делегацијата Петар Спасеновски оцени дека резултатите се потврда на долгогодишната подготовка на репрезентативците, додавајќи дека организацискиот тим се обидел сите проблеми со транспортот и сместувањето да останат подалеку од спортистите.

Ибрагимов, пак, го издвои настапот на борачите, кои во Таранто освоија четири од вкупно шесте македонски медали.

„Четири медали во борење на едни Медитерански игри е огромен резултат. Тоа покажува дека имаме квалитетни борачи и дека работата што ја вложуваме дава резултати“, рече Ибрагимов.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?