Шкотската армија тргнува кон Скопје со 4.000 навивачи и хуман гест

Тартан армијата тргнува кон Скопје со можни 4.000 шкотски навивачи, кои на 3 октомври треба да ја исполнат гостинската трибина на Националната арена „Тодор Проески“ и да му дадат силна поддршка на својот национален тим против Македонија. Покрај фудбалската атмосфера, гостите подготвуваат и хуман гест вреден 5.000 фунти.

Натпреварот меѓу Македонија и Шкотска ќе се игра од 20:45 часот, во третото коло од групата Б1 во Лигата на нациите. Скопје, според најавите, ќе пречека една од најорганизираните и најпрепознатливи навивачки групи во европскиот фудбал.

Бројката од 4.000 навивачи засега се темели врз проценки, додека конечната распределба на билетите за гостинскиот сектор не е официјално објавена. Британските медиуми претходно објавија дека Шкотската фудбалска асоцијација обезбедила дополнителни влезници и дека во Скопје се очекуваат речиси 3.000 гостински навивачи.

Шкотите, познати како „Тартан армија“, традиционално не патуваат само за 90-те минути фудбал. Со килтови, знамиња и песни, тие најчесто ја претвораат посетата на градот домаќин во повеќедневен навивачки настан, а центарот на Скопје и локалните угостителски објекти се очекува да бидат нивното главно собиралиште.

Но, зад гласната фудбалска слика стои и хуманитарната страна на шкотските навивачи.

Ова не би бил нивниот прв хуман гест во земјава. При претходните гостувања шкотските навивачи донирале 2.000 фунти за СОС Детското село во Маџари, каде што се дружеле со децата и одиграле фудбалски натпревар. Донација од 5.000 фунти добил и Центарот за деца од улица „Снежана“ во Шуто Оризари.

Во тек се и обиди на денот на натпреварот да се организира пријателски меч меѓу екипа составена од шкотски навивачи и претставници на македонската „Фаланга“. Доколку иницијативата се реализира, фудбалскиот ден во Скопје ќе почне многу пред излегувањето на репрезентативците на теренот.

Македонија и Шкотска се натпреваруваат во група со Швајцарија и Словенија. Пред дуелот со Шкотите, македонската репрезентација на 26 септември ќе ја пречека Швајцарија, а три дена подоцна ќе ѝ гостува на Словенија. Реваншот против Шкотска е закажан за 13 ноември.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?