Хутите напредуваат кон Баб ел Мандеб со нова офанзива во Јемен, обидувајќи се да ги освојат стратешките височини меѓу покраините Таиз и Лахџ и да го отсечат брегот на Црвеното Море од областите под контрола на силите поддржани од Саудиска Арабија. Офанзивата се засили во момент кога Доналд Трамп, според медиумски извештаи, во последен момент ги запрел подготвуваните американски воздушни напади врз групата.
Во центарот на борбите се планините Кабуб, кои го одвојуваат брегот на Црвеното Море од јужните области што ги контролира меѓународно признаената јеменска влада. Пет јеменски воени извори изјавиле за Ројтерс дека освојувањето на овие височини ќе им овозможи на Хутите да ги зацврстат неодамнешните територијални придобивки и да отворат дополнителни правци кон југот на земјата.
Хутите, кои го контролираат главниот град Сана од 2014 година, во текот на септември зазедоа клучни области долж брегот на Црвеното Море и околу теснецот Баб ел Мандеб. Станува збор за една од најважните светски поморски точки, преку која минуваат трговски бродови и танкери што ги поврзуваат Индискиот Океан, Црвеното Море и Суецкиот Канал.
Саудиска Арабија во последните денови извршила стотици воздушни напади врз позициите на Хутите во планинските предели, тврди групата. Интензивните напади, според информациите од теренот, засега не успеале да го запрат напредувањето на нејзините борци.
„Њујорк тајмс“ објави дека администрацијата на Трамп во неделата се подготвувала да започне воздушни напади по новите барања на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Според весникот, американски војници веќе ги товареле бомбите во авионите кога Трамп ја повлекол одлуката. Ројтерс наведе дека не можел независно да го потврди извештајот, додека Белата куќа не одговорила веднаш на барањето за коментар.
Претседателот на меѓународно признатата јеменска влада, Рашад ал-Алими, во телефонски разговор побарал американска воена помош. Два извора запознаени со разговорот изјавиле за Ројтерс дека Трамп не дал директно ветување оти Вашингтон ќе се вклучи во борбите.
САД два месеца ги бомбардираа позициите на Хутите во почетокот на 2025 година, но нападите беа прекинати по договорот според кој групата се обврза да не напаѓа американски бродови. Ново директно американско вклучување би можело да го урне тој договор и дополнително да го прошири конфликтот на Блискиот Исток.
Ескалацијата веќе предизвикува тешки последици за цивилното население. Според податоците на Обединетите нации, во обновените борби загинале речиси 700 луѓе, а илјадници биле повредени. Околу 130.000 жители ги напуштиле своите домови во Јемен, додека повеќе од 3.000 лица со чамци го преминале Црвеното Море и побарале засолниште во Африка.
Напредувањето на Хутите го зголемува и ризикот за меѓународната трговија и снабдувањето со енергенси. Контролата врз областите околу Баб ел Мандеб може да влијае врз бродскиот сообраќај, осигурителните трошоци и алтернативниот пат што Саудиска Арабија го користи за извоз на нафта кога пловидбата низ Ормускиот Теснец е нарушена.

