Со користењето на ракетата „Орешник“ во нападот врз Украина, Русија го ескалираше конфликтот и испрати предупредување до Европа и Соединетите Американски Држави, изјави денес високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Таа напиша на платформата X дека рускиот претседател Владимир Путин не сака мир и дека одговорот на Русија на дипломатијата е лансирање повеќе ракети и повеќе уништување.
„Овој смртоносен модел на големи руски напади ќе продолжи сè додека не ѝ помогнеме на Украина да го онеспособи“, рече Калас.
Таа нагласи дека земјите од ЕУ мора да го зголемат залихите на системи за воздушна одбрана.
„Исто така, треба дополнително да ги зголемиме финансиските загуби на Москва, вклучително и преку построги санкции“, рече Калас.
Министерството за одбрана на Русија денес потврди дека ракетата „Орешник“ била користена во напади врз цели во Украина.
„Како одговор на терористичките напади на Украина врз цивилни цели во Русија, руските вооружени сили започнаа масовен напад со балистички ракети „Орешник“, аеробалистички ракети „Искандер“, хиперсонични аеробалистички ракети „Кинжал“, крстосувачки ракети „Циркон“, крстосувачки ракети од воздух, море и копно, како и беспилотни летала, врз воени командни објекти, воздухопловни бази и претпријатија од одбранбената индустрија во Украина“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана, пренесува Интерфакс.
Како што беше заклучено, „целите на нападот беа постигнати и сите утврдени објекти беа погодени“.
