Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, почина денес, 21 април, на 88-годишна возраст, соопшти Ватикан.
Папата Франциск, со световно име Хорхе Марио Бергољо, е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, како син на мигрантско семејство од северна Италија. Неговата животна приказна е вистинско патување – од младиот момчe кое сакаше да танцува танго и излегуваше со девојки, до највисокиот духовен авторитет на повеќе од милијарда католици ширум светот.
Пред да стане свештеник, Бергољо се школувал за индустриски хемичар. Случајна средба со непознат свештеник му го сменила животот и го насочила кон духовниот пат. Ракоположен бил во 1969 година. До тогаш, како што самиот признава во биографијата од 2010 година, излегувал со девојки, танцувал танго, па дури и работел како обезбедување во ноќен клуб.
„Ја сакам тангото и го танцував кога бев млад,“ раскажал Бергољо. „Имаше една пријателка со која делевме страст за танцот. Но потоа го почувствував мојот повик кон Бог.“
Прво студирал во диоцезно семинарија, а потоа му се приклучил на редот на језуитите. Во 1973 година, со само 36 години, станал провинцијал на језуитската заедница во Аргентина – функција што ја извршувал до 1979 година.
„Нечиста војна“ и духовната трансформација
Во текот на т.н. „Нечиста војна“ во Аргентина (1976–1983), период на политички прогон и исчезнувања, Бергољо го обликувал својот духовен и човечки став. Од амбициозен и конзервативен свештеник се претворил во фигура со длабоко сочувство и силно чувство за социјална правда.
Во 1998 година бил именуван за надбискуп на Буенос Аирес, а во 2001 година папата Јован Павле II го назначил за кардинал. Истата година на Синодата на епископите во Рим, Бергољо неочекувано го заменил кардиналот Едвард Еган и како главен известувач добил голема почит. Тогаш започнала неговата сериозна идентификација како потенцијален папа.
Папа од „крајот на светот“
На конклавата во 2005 година, каде се избираше наследникот на Јован Павле II, се водела трка меѓу Бергољо и Јозеф Рацингер (подоцна папа Бенедикт XVI). Наводно, Бергољо добил дури 40 гласа во еден од круговите на гласање.
По оставката на Бенедикт XVI во февруари 2013 година – прва таква оставка по повеќе од 600 години – на 13 март, Бергољо бил избран за нов папа и го зел името Франциск, во чест на св. Франциско Асишки.
„Кога бев избран, мојот пријател, кардиналот Клаудио Хумес, ми прошепна: ‘Не заборавај ги сиромашните’. Тоа ми остана длабоко во срцето, и веднаш помислив на Франциско Асишки.“
Папата кој носеше црни чевли
Од самиот почеток на својот понтификат, Франциск донесе свежина и скромност. Наместо да живее во раскошните апартмани на Апостолската палата, се пресели во обична соба во домот „Санта Марта“. Наместо традиционалните црвени чевли, избра скромни црни. Се нарекуваше „епископ на Рим“, избегнувајќи величествени титули како „наместник на Христос“.
По изборот, дури се вратил во пансионот каде престојувал пред конклавата – за лично да си го плати сместувањето.
Папа на промени, папа на луѓето
Папата Франциск беше првиот језуит, првиот папа од Америка, првиот од јужната хемисфера, и првиот неевропски папа по повеќе од 1.000 години. Под негово водство, Црквата се обиде да се отвори кон современите предизвици и проблеми, особено кон сиромашните, емигрантите, и маргинализираните групи.
Позната е неговата изјава:
„Ако некој е геј, бара Бог и има добра волја, кој сум јас да му судам?“
Со тоа, Франциск стана првиот папа кој воопшто го употребил зборот „геј“ во таков контекст. Подоцна ја опиша криминализацијата на хомосексуалноста како „неправда“ и повика на прифаќање на сите луѓе како Божји чеда.
Болест и последните денови
Во последните недели, папата Франциск бил хоспитализиран во римската болница „Џемели“, каде што бил примен на 14 февруари поради проблеми со дишењето. Подоцна било објавено дека страдал од сериозна респираторна инфекција и двострана пневмонија, што го отежнувала дишењето.
Неговото водство во Црквата ќе остане запаметено по отвореноста, хуманоста и посветеноста кон скромноста. Неговата способност да инспирира и поттикнува на промени го доближи до милиони верници – и дури и до оние надвор од рамките на Црквата.
Д-р Грегори Рајан од Универзитетот во Дурам го оцени вака неговото влијание:
„Критиките што сега се упатуваат кон папата, често доаѓаат од истите кругови кои во минатото бараа безусловна послушност од свештенството. Тоа е парадокс на неговото време – но исто така показател за тоа колку ги раздвижи нештата.“
Со неговата смрт започнува формалниот процес за избор на нов поглавар на Римокатоличката црква. Но ликот на папа Франциск – скромниот човек што некогаш играл танго – ќе остане врежан како еден од најдостапните и најемпатичните папи во поновата историја.