Во Европа крај на доминацијата на Тесла

Продажбата на возилата на Тесла во Европа бележи значителен пад. По месеци на постепено намалување на бројот на продадени автомобили, април оваа година бил особено катастрофален за производителот на електрични возила. Клучни пазари како што се Шпанија, Германија, Белгија, Франција и Велика Британија забележале значителни падови, што ја остава Тесла во ситуација да се запраша дали ќе успее да се врати на вистинскиот пат.

Посебно загрижувачки се резултатите во Германија, каде што продажбата на Тесла во април е забележала пад од неверојатни 45,9% во споредба со истиот месец минатата година. Компанијата продала само 885 возила во Германија, додека вкупниот број на продадени автомобили од почетокот на годината изнесува 5.820, што претставува пад од 60,4% во однос на 2024 година. Поголемиот пад на продажбата е посебно загрижувачки ако се земе предвид дека Германија е дом на единствената Теслина фабрика во Европа.

Ситуацијата во Германија ја отсликува сериозноста на проблемите на Тесла, кои се должат делумно и на јавната слика на извршниот директор Илон Маск. Маск оваа година бил поврзуван со контроверзни личности, вклучувајќи го и Доналд Трамп, и активно учествувал во американската политика. Неговата јавна поддршка на екстремно десничарски политички партии во Германија пред последните федерални избори предизвикаа негативни реакции и ставови кон брендот.

Од друга страна, конкурентите на Тесла на пазарот забележуваат значителен раст. Кинескиот производител BYD, кој е нов играч на германскиот пазар, продал 1.566 возила во април, што претставува неверојатен скок од 755,7% во споредба со април 2024 година. Вкупната продажба на BYD во 2025 година пораснала за 384,5%, достигнувајќи 2.791 возило.

Истовремено, други брендови како MG и Polestar, исто така, бележат раст на продажбата во април. MG забележал раст од 34%, додека Polestar продал 303 возила, што претставува зголемување од 47,1%.

Ниту во Велика Британија не е подобра ситуацијата за Тесла. Во април, компанијата продала само 512 возила, што е пад од 62% во однос на истиот месец минатата година. Пад на продажбата се забележува и во другите европски земји, со Шпанија, Белгија, Франција, Данска и Шведска кои се меѓу пазарите на кои Тесла го изгубила значителен дел од своето присуство.

Оваа ситуација јасно покажува дека Тесла, иако долго време доминираше на пазарот на електрични возила во Европа, сега се соочува со сериозни предизвици, на кои конкуренцијата веќе нуди решенија.

Зачлени се на нашиот е-билтен