Најбогатиот човек во светот, Илон Маск, започна изградба на голем корпоративен кампус во Бастроп, рурален дел од Тексас, откако ја напушти Силициумската долина поради политички и деловни причини. Сонот на Маск е кампусот да стане нова технолошка жаришна точка, слична на познатата Калифорниска долина.
Во рамките на кампусот веќе се гради зграда што ќе биде седиште на неговата социјална мрежа X, а таму се присутни и другите негови компании како Boring Company и SpaceX.
Одлуката Маск да се пресели во Тексас се гледа како резултат на неговата идеолошка трансформација. Од поранешен поддржувач на Демократската партија, сега отворено застанува на страната на Републиканците и Доналд Трамп. Дополнително, Тексас му нуди поевтино земјиште, доволно работна сила и регулативи што го поттикнуваат деловниот раст.
Минатата година, Маск објави дека го напушта Калифорнија откако државата усвои закон со кој им се забранува на просветните работници да ги информираат родителите кога ученик ќе го смени својот родов идентитет – нешто што Маск остро го критикуваше, имајќи предвид дека има трансродова ќерка со која е во јавен конфликт. Притоа, Тексас важи за силно републиканско упориште.
Работниците на SpaceX веќе планираат да изградат свој мал град наречен Starbase. Дел од жителите на Бастроп го поздравуваат доаѓањето на нови работни места, но други се загрижени поради можната урбанизација и порастот на цените на недвижностите.
Сепак, не оди сè глатко – Boring Company е казнета со 11.876 долари поради загадување вода. Првично планирале отпадните води да ги испуштаат во реката Колорадо, но по јавен притисок, компанијата потпишала договор за нивно пренасочување во постројка за прочистување во самиот Бастроп.
Со овие чекори, Маск не само што создава нов технолошки центар, туку и силно влијае врз економскиот и општествениот пејзаж на регионот.
(Извор: BBC)