Во Минхен денеска се одржа масовен протест против екстремната десница, на кој учествуваа повеќе од 200.000 луѓе, соопшти германската полиција. Овој собир е дел од бран демонстрации што се одржуваат низ Германија во пресрет на предвремените парламентарни избори, закажани за 23 февруари.
Протестот се одвиваше под мотото „Потребни ѝ сте на демократијата“, а демонстрантите упатија јасна порака против каква било соработка со ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД). Покрај Минхен, протести беа организирани и во други германски градови, меѓу кои и Хановер, каде што се собраа околу 24.000 луѓе. Минатата недела во Берлин против ултрадесницата протестираа повеќе од 160.000 граѓани.
Поттик за протестите беше изјавата на конзервативниот кандидат за канцелар од редовите на ЦДУ, Фридрих Мерц, кој почна да се приближува кон ставовите на АфД. Тој побара поддршка во Парламентот за усвојување на необврзувачки предлог што предвидува блокирање на сите странци без документи, вклучително и баратели на азил, на границите на Германија.
Германските традиционални партии досега категорично ја одбиваа секоја можност за соработка со екстремната десница, повикувајќи се на т.н. „заштитен ѕид“, со кој се спротивставуваат на националистичките и антиимигрантските политики на АфД.
Движењето „Бабите против екстремната десница“, кое постои од 2018 година, денеска организираше демонстрации во неколку градови низ Германија, што сведочи за растечкиот отпор против екстремистичките политички движења во земјата.