НАТО останува „буден, посветен и подготвен“ да го брани својот источен фронт, порача литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис, откако борбени авиони на Алијансата соборија дрон кој навлегол во воздушниот простор на Литванија од правец на Белорусија.
Будрис оцени дека реакцијата покажува дека системот на колективна одбрана функционира и им се заблагодари на сојузниците кои со своето воздушно присуство го обезбедуваат небото над балтичките земји.
Инцидентот го потврди и литванскиот претседател Гитанас Науседа, кој соопшти дека дронот бил уништен од борбени авиони на НАТО.
„Со Русија која ја засилува агресијата врз Украина, ваквата подготвеност е од витално значење за нашиот регион“, порача Науседа.
Според литванскиот Национален центар за управување со кризи, беспилотното летало влегло од правец на Белорусија, минало низ областите Лентварис и Тракај и продолжило кон запад. Било соборено во рурална област кај селото Праткунаи во округот Каунас. Ова е прв случај дрон да биде соборен над територијата на Литванија.
Засега нема официјална потврда за потеклото на дронот, неговата мисија или дали навлегувањето било намерно. Москва не го коментирала инцидентот.
Само неколку часа подоцна и Полска ја активираше својата воена авијација поради руски напади со дронови врз украинска територија во непосредна близина на полската граница. Варшава соопшти дека станувало збор за превентивна мерка за заштита на воздушниот простор.
Балтичките земји во последните години регистрираат повеќе случаи на беспилотни летала кои навлегуваат во нивниот воздушен простор. Во мај НАТО собори украински дрон кој залутал над Естонија, што беше прв таков случај од почетокот на руската инвазија врз Украина.
НАТО паралелно ја засилува воздушната и противракетната одбрана на источниот фронт. Алијансата претходно порача дека нарушувањата на воздушниот простор на нејзините членки се неприфатливи и дека ќе продолжи да ги зајакнува капацитетите од Балтикот до Црното Море.
Последниот инцидент дополнително ја зголемува чувствителноста на источната граница на НАТО, каде земјите членки сè почесто ги третираат беспилотните летала како потенцијален тест за брзината и способноста на Алијансата да реагира на закани.

