Новиот папа објасни зошто го избрал името Лав

Новото поглавар на Католичката црква, кардинал Роберт Франсис Превост (69), кој во четвртокот беше избран за папа, денеска изјави дека го одбрал името Лав XIV во чест на папата Лав XIII, познат по својата енциклика Rerum novarum од 1891 година – прв официјален документ на Црквата што го отвори социјалното прашање во време на Првата индустриска револуција.

Папата Лав XIV, кој е првиот папа од САД и има и перуанско државјанство, во обраќањето до кардиналите рече:

„Денес, Црквата го нуди своето наследство од социјалната доктрина како одговор на нова индустриска револуција и на развојот на вештачката интелигенција, кои носат нови предизвици за човечкото достоинство, правдата и трудот.“

Енцикликата Rerum novarum, што значи „За новите нешта“, ја постави основата на социјалната доктрина на Католичката црква, преку принципите на човечко достоинство, солидарност и заедничко добро.

Папата Лав XIV најави дека ќе ја продолжи визијата и реформите на својот претходник, папата Франциско (1936–2025), истакнувајќи дека тој оставил „драгоцено наследство“ што треба да се негува и развива. Тој ги потсети кардиналите на вредностите што ги застапуваше покојниот папа – отворен дијалог со современиот свет, грижата за најранливите, мисионерската активност и општествената ангажираност на Црквата.

„Папата е само понизен слуга на Бог и на своите браќа – ништо повеќе“, порача Лав XIV.

Утре, од балконот на базиликата Свети Петар, тој ќе ја одржи својата прва неделна молитва пред илјадници верници и посетители во Ватикан.

Зачлени се на нашиот е-билтен