Невреме ја погоди јужна Франција, еден загинат, еден исчезнат

Силно невреме проследено со обилни дождови и поплави предизвика смрт на 75-годишен маж во близина на Марсеј, додека спасувачките екипи на Корзика трагаат по едно исчезнато лице.

Поројните врнежи што го зафатија југоисточниот дел на Франција предизвикаа излевање на реки, поплавени домови и блокиран сообраќај од регионот Окситанија сè до Прованса-Алпи-Азурен Брег.

Телото на 75-годишниот маж било пронајдено во градот Истр, во департманот Буш-ди-Рон, откако претходно воден бран го однел неговото возило во соседната општина Сен-Митр-ле-Ремпар. Спасувачките служби во потрагата користеле и хеликоптер, а локалните власти во Истр евакуирале десетици загрозени жители во спортска сала.

На Корзика, во местото Гизоначија, спасувачите трагаат по лице чие теренско возило било повлечено од реката Фиуморбу. Другиот патник од возилото успеал да се спаси скокајќи низ прозорецот. Метеоролошката служба „Метео-Франс“ соопшти дека на северот од Соленцара паднале речиси 400 милиметри дожд, од кои дури 191 милиметар во рок од само еден час.

Во департманот Еро, во градот Линел, пожарникарите интервенирале по улиците каде што автомобилите биле поплавени до прозорците. Во Ним автопатот А9 беше затворен неколку часа, а железничкиот сообраќај кон градот претрпе сериозни прекини. Околу Марсеј беа поплавени делови од автопатите, а во самиот град привремено беше запрен и трамвајскиот сообраќај.

Овој медитерански циклон е поврзан со бурата Адам, која претходно донесе разорни поплави и најмалку четири жртви во Шпанија.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?