Руски балистички ракети целосно ја уништија инфраструктурата на податочниот центар на телекомуникацискиот оператор „Датагруп“ во Киев. Украинското воено воздухопловство соопшти дека пред првиот бран напади изостанало навремено предупредување од западните сојузници.
Телекомуникацискиот оператор „Датагруп“ потврди дека опремата во неговиот главен податочен центар во украинскиот главен град е целосно онеспособена и дека обновување на работата на таа локација не е можно. Меѓу вработените нема повредени, а услугите за корисниците се пренасочени преку резервни системи.
Истиот објект беше цел на руски воздушен напад и на 25 септември, кога претрпе делумни оштетувања, но успеа да ги зачува податоците и да продолжи со работа.
По нападот реагираше портпаролот на украинското воено воздухопловство, полковник Јуриј Ихнат, кој посочи дека руските сили дејствувале во два одделни брана со балистички проектили.
Според Ихнат, украинската противвоздушна одбрана не добила навремени податоци и предупредување од американските партнери пред почетокот на првиот удар, што го оневозможило навременото активирање на сирените и пресретнувањето на ракетите.

