Врховниот суд на САД ја одблокира проширената федерална база на податоци што администрацијата на Доналд Трамп ја користи за проверка на државјанството на регистрираните гласачи.
Одлуката уследи откако Министерството за правда побара да се укине одлуката на понискиот суд, со која на федералните и државните власти им беше ограничено користењето на броеви од социјалното осигурување и други лични податоци при проверките.
Системот SAVE првично служел за проверка на имиграцискиот статус, но администрацијата го прошири така што сега овозможува пребарување со податоци од системот за социјално осигурување и масовна проверка на записи. Според владата, целта е да се идентификуваат лица кои не се американски државјани, а се регистрирани за гласање.
Неколку сојузни држави веќе ги споредувале своите избирачки списоци со федералната база.
Противниците на системот, пак, предупредуваат дека податоците можат да содржат грешки и да доведат до погрешно отстранување на американски државјани од избирачките списоци. Во поднесок до Врховниот суд, League of Women Voters и други организации тврдат дека системот во одредени средини покажал многу високи стапки на погрешна идентификација.
Одлуката доаѓа пред ноемвриските избори за Конгресот, во период кога администрацијата на Трамп се обидува да ја зголеми улогата на федералната власт во проверката на избирачките списоци.

