Шкотска, Велс и Северна Ирска бараат право на отцепување од Обединетото Кралство

палестинска држава
Edward Orde, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска потпишаа меморандум со кој го потврдуваат правото на нивните земји да одлучуваат за сопствената уставна иднина, вклучително и можноста за напуштање на Обединетото Кралство. Документот беше потпишан на политички самит во Кардиф и претставува најкоординиран настап досега на трите движења за самоопределување.

Шкотскиот лидер Џон Свини, лидерот на Велс Рун ап Иорвет и Мишел О’Нил од Шин Фејн побараа од британската влада да се подготви за можни уставни промени и да овозможи демократски пат за граѓаните да се изјаснат за идниот статус на нивните земји. Во меморандумот се наведува и дека нивната политичка иднина ја гледаат поблиску до Европската Унија.

„Времето на Вестминстер се приближува кон крајот“, е пораката содржана во документот, со која лидерите го оспоруваат сегашниот модел на управување од Лондон и бараат поголемо право на самоопределување.

Сепак, потпишаниот документ сам по себе нема правна сила за отцепување. Експерти посочуваат дека станува збор пред сè за политички значаен чекор. Шкотска и Велс немаат автоматско право самостојно да организираат обврзувачки референдум за независност без согласност од Лондон, додека за Северна Ирска постои посебен механизам преку Договорот од Велики петок за евентуален референдум за обединување со Република Ирска.

Свини повторно побара референдум за независност на Шкотска, додека О’Нил се залага за гласање за обединување на Ирска. Велшкиот лидер засега не постави конкретен рок за евентуален референдум.

Шкотска веќе гласаше за независност во 2014 година, кога 55 отсто од гласачите се изјаснија за останување во Обединетото Кралство, а 45 отсто за независност. Поддршката за отцепување остана висока и по Брегзит, особено затоа што мнозинството гласачи во Шкотска во 2016 година гласаа за останување во ЕУ.

Според последните анкети што ги пренесува „Гардијан“, околу 47 отсто од Шкотите би поддржале независност, додека поддршката изнесува околу 36 отсто во Северна Ирска и 32 отсто во Велс.

Британската влада го отфрли притисокот за нови референдуми. Кабинетот на премиерот Енди Бурнам порача дека владата останува посветена на единството на Обединетото Кралство и дека приоритет се економските и социјалните прашања, а не нови уставни поделби.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?