Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Арсовски: Јас и мојата агенција не ги спроведуваме анкетите објавени на МРТ, одговорна за тоа е ИПИС

Рацин.мк упати прашање до политичкиот аналитичар Петар Арсовски за коментар во врска со објавените наводи дека се лажни анкетите што веќе неколку месеци се објавуваат на МРТ во емисијата „Објектив“ и дека тие се резултат на договорот на ВМРО-ДПМНЕ со Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) и со јавниот радидифузен сервис.

Се обративме до Петар Арсовски како аналитичар кој учествуваше во досегашните емисии и чија агенција во соопштението на МРТ е посочена како една од ангажираните за спроведување анкети за јавното мислење „чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски“.

Ова тврдење на МРТ практично ја стави агенцијата „Креатиф“ на Петар Арсовски во контекст на она што го наведуваат Фуркан Салиу на ПорталХ и СДСМ за „штелување“ на анкетите за предизборното мислење на граѓаните, но Арсовски со својата изјава за Рацин.мк, практично разјаснува дека тој и неговата агенција не се вклучени во спроведувањето на анкетите и во изведувањето на заклучоците од истражувањата, туку само во делот на анализа и коментар на податоците/бројките што ги подготвувале во ИПИС.

„Со внимание го следам развојот на настаните за анализите на МТВ и во овој момент можам да го кажам дека моето учество во анализите за кои станува збор, не вклучува спроведување анкети, туку анализа и коментар на бројки и трендови. За евентуална проверка или валидација на податоците добиени од спроведените истражувања морам да ве упатам на агенцијата која ги спроведувала истражувањата“, изјави за Рацин.мк Петар Арсовски од „Креатиф“.

Арсовски уште рече дека тој како политички аналитичар коментира актуелни политички состојби веќе две децении и дека некогаш неговите анализи не им се допаѓаат на едни, некогаш на други, некогаш на трети.

„За жал тоа е дел од домашниот политичкиот фолклор. За мене е најважно што сиот овој период, иако со многу напор, успевам да го зачувам професионалниот кредибилитет и затоа, како и во претходни случаи така и сега, не чувствувам никаква потреба да бидам инволвиран во ниту една дневно политичка пресметка“, истакна за Рацин.мк политичкиот аналитичар Петар Арсовски од „Креатиф“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира