Авторот на крими трилери Андерс Рослунд гостин на Саемот на книга

Во рамки на 36. издание на Саемот на книга, во сабота, 20 април, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје на штандот на издавачката куќа „Антолог“ специјален гостин ќе биде шведскиот новинар и писател Андерс Рослунд.

Рослунд е познат по своите крими трилери и освојувањето на многу награди, но и по позиционираноста на водечки места на бестселер-листатата на „Њујорк тајмс“. Тој е автор на книгите „Чук чук”, „Слатко сонувај“ и „Верувај ми“, која ќе има специјална промоција во рамки на Саемот на книга, три дела кои веќе се преведени на македонски,како и на други наслови зад кои се потпишува во дуо.

-Рослунд е еден од најистакнатите автори на криминалистичка проза во моментов, со богата кариера и со голем број на обожаватели низ светот. Неговите трилери се познати по својата напнатост и интрига, и сигурни сме дека ќе биде неповторливо искуство за сите присутни на настанот да имаат можност да го сретнат и разговараат одлблизу со него, потенцираат од „Антолог“.

Рослунд (1961) досега има објавено десет книги како дел од писателските дуети Рослунд и Хелстром и Рослунд и Тунберг. Пишува и под псевдонимот Антон Свенсон. Бил основач на „Вести од културата“ на Шведската национална телевизија, а работел и како новинар во црна хроника. Неговите дела се преведени на 31 јазик и продадени во три милиони примероци.

Годинашниот Саем на книга ќе се одржува од 18 до 24 април, под слоганот „Приказна се чита“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира