Американскиот претседател Џо Бајден, по неодамнешните ракетни напади на Русија врз Украина изјави дека САД и сојузниците ќе ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, пишува Укринформ.
„Руските ракетни напади во кои денеска загинаа десетици украински цивили и предизвикаа штети и жртви во најголемата детска болница во Кијив, се ужасен потсетник на руската бруталност. Од клучно значење е светот да продолжи да стои со Украина во овој важен момент и да не ја игнорираме руската агресија“, рече американскиот лидер.
Тој рече дека оваа недела ќе го пречека претседателот на Украина и лидерите на НАТО на самитот во Вашингтон.
„Ќе ги пречекам претседателот Зеленски и лидерите на НАТО во Вашингтон и ќе се сретнам со претседателот Зеленски за да разјаснам дека нашата поддршка за Украина е непоколеблива. Заедно со нашите сојузници, ќе објавиме нови мерки за зајакнување на воздушната одбрана на Украина за да помогнеме во заштитата на нивните градови и цивили од руските напади“, нагласи Бајден.
Тој повтори дека САД стојат со народот на Украина.
Како што објави ЦИВИЛ МЕДИА според објавата на градската воена управа на Кијив на Телеграм од вторник наутро, 9 јули, бројот на жртвите од вчерашниот руски ракетен напад врз Кијив се зголеми на 27 загинати и 117 повредени., додека 37 лица загинаа, а повеќе од 170 беа повредени како резултат на руските ракетни напади врз Украина на 8 јули. Вкупно беа оштетени речиси 100 објекти: станбени згради, детска болница, градинки, породилиште, а колеџ и деловен центар.