Бајрами: Благодарение на Курти за прв пат е доведено во прашање партнерството на Косово со САД

 Потпретседателката и пратеничка на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Хикмете Бајрами, упати критики на политиката на премиерот Албин Курти, набројувајќи ги, според неа, бројните неуспеси на неговата Влада и штетите што ѝ ги нанесоа на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во анализа на работата на Курти и неговата партија, Движење самоопределување (ВВ), по повод тригодишнината (на 14 февруари) од нивното доаѓање на власт, поранешната министерка за финансии нагласува дека, благодарение на нивните политики, за прв пат во историјата е доведено во прашање партнерството на Косово со Соединетите Американски Држави.

– Во трите години на владата на Курти и ВВ реалноста е следна: Америка благодарение на политиката на Курти за прв пат во историјата го доведува во прашање партнерството со Косово. Поминаа 231 ден откако Косово е под санкции од ЕУ, Албин ја прифати Заедницата (на општини со српско мнозинство во Косово), напиша Бајрами на Фејсбук.

Според неа, за овој период Владата седум пати го прекршила Уставот, а ја обвинува и за корупција и попречување на правдата.

– Има низа случаи кога целата Влада застанува во одбрана (на корумпираните), спречувајќи ја правдата да си ја врши работата. Дополнително, во последниот извештај за земјава на Европската комисија се наведува дека само лани со непосредни преговарања биле склучени 2.140 договори во вредност од над 78 милиони евра, напиша Бајрами.

Опозициската пратеничка упати критики и за здравствениот систем.

– Нема здравствено осигурување, нема есенцијални лекови и хигиенски услови во нашите болници и има многу долги листи на чекање за некои медицински услуги, вели Бајрами.

Според неа, во последните три години со владини одлуки се дадени 825 милиони евра субвенции и тие се делени без никаков критериум, не покажале никаков ефект и не го поминале филтерот на Комисијата за државна помош, бидејќи, како што вели, таа комисија не постои откако ВВ дојде на власт.

– Финансиското крвопролевање не престана, на јавните претпријатија им се дадени над 200 милиони евра субвенции, струјата во северните општини (со етничко српско мнозинство) ја чинеше државата над 130 милиони евра, вели Бајрами.

Поранешната министерка, меѓу другото, ја обвини Владата дека преку ветинг се обидува да го зароби правосудниот систем.

– Ветинг во правдата нема, затоа што имаа лоша намера, сакаа да ја заробат правдата, па и таа реформа заглави. Нема предвремено пензионирање на полицајците, нема достоинствен третман за ниту една категорија што ѝ служи на државата, така што луѓето од оваа држава бегаат. Вистината е дека не успеавте!, напиша Бајрами.

Треба да знаете
Moже да ве интересира