„Base Camp Љуботен“ повторно ги носи младите на планина, кампот на 22 и 23 август

Планината како училница, а природата како простор за стекнување вештини – на 22 и 23 август во Хостел „Китка“ во Вратница ќе се одржи второто издание на младинскиот камп „Base Camp Љуботен“, во организација на Планинарскиот клуб Љуботен.

Кампот е наменет првенствено за млади од 13 до 16 години, кои во текот на два дена ќе учат како се поставува шатор, се подготвува планинарска тура и ранец, како безбедно се движи во планина и како се укажува прва помош.

Учесниците ќе подготвуваат и заедничка вечера, ќе ноќеваат во шатори, а стекнатото знаење следниот ден ќе го применат на планинарска тура до Планинарскиот дом Љуботен.

„Base Camp Љуботен“ првпат беше организиран минатата година, кога клубот одбележа еден век постоење. Иницијативата е замислена како начин искуството и планинарската традиција да се пренесуваат на новите генерации.

Годинашната програма вклучува и теми надвор од класичното планинарење. А1 Македонија ќе одржи едукативна сесија за сајбер-булинг и безбедно однесување во дигиталниот свет, додека Македонското еколошко друштво ќе им покаже на младите како се мониторира рисот, како се следат дивите животни и зошто нивната заштита е важна.

Во недела ќе има и посебна програма за деца од 4 до 12 години, со планинарска заклетва, полесна тура низ околината на Вратница, игри и едукативни активности приспособени на нивната возраст.

„Долговечноста на еден клуб не се создава само со чување на неговата историја, туку со создавање луѓе кои ќе ја продолжат“, вели претседателот на ПК Љуботен, Јован Божиновски.

Според него, кампот е инвестиција во генерација која треба да научи да ја сака природата, да биде самостојна, одговорна и да функционира како заедница.

„Ако сакаме Љуботен да има уште сто години традиција, денес треба да им дадеме причина на младите да станат дел од неа“, додава Божиновски.

Учеството на дводневниот камп чини 1.500 денари, додека неделната програма за најмладите чини 300 денари. За пријавување и дополнителни информации се достапни телефонските броеви 070/634-313 и 078/420-281.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?