БЕСТ Скопје со нови можности за македонските студенти и летен курс за UI/UX дизајн

Дизајнот на една апликација не завршува со нејзиниот изглед. Зад дигиталните производи што корисниците ги користат лесно и со задоволство стојат истражување, психологија, структура и добро корисничко искуство – теми што ќе бидат во фокусот на летниот академски курс за UI/UX дизајн на БЕСТ Скопје, кој се отвора за пријавување и за македонските студенти.

Курсот ќе се одржи од 6 до 10 јули 2026 година во просториите на ФИНКИ, а е наменет за амбициозни студенти кои сакаат да научат како се создаваат дигитални производи што се корисни, интуитивни и привлечни за корисниците.

Летниот академски курс, познат како ЛАК, ќе понуди теоретски и практични знаења од областа на UI/UX дизајнот, корисничкото искуство и креирањето дигитални решенија. Академскиот дел ќе го водат професори од ФИНКИ, преку интерактивни предавања и работилници.

Учесниците ќе работат на реални проекти и ќе имаат можност да ги истражуваат процесите зад дизајнот на апликации, од корисничка психологија и структура на интерфејс, до практични решенија што ја подобруваат употребливоста на дигиталните производи.

Настанот има и силна интернационална димензија. Студенти од повеќе европски земји ќе учат, работат и разменуваат искуства заедно, што на курсот му дава и карактер на културна размена.

Како дел од програмата е предвидена и посета на Струга, каде што учесниците ќе имаат можност да запознаат уште еден дел од Македонија и да го надополнат академското искуство со неформално дружење и патување.

БЕСТ Скопје, односно Бордот на европски студенти по технологија, е студентска, неполитичка и непрофитна организација која повеќе од две децении работи на подобрување на студентското искуство. Организацијата стои зад повеќе познати студентски настани, меѓу кои Саемот за вработување и кариера, Хакатон и Симпозиумот за едукација.

БЕСТ Скопје е дел од меѓународната мрежа BEST, која има активни локални групи низ Европа и редовно организира академски, едукативни и студентски настани со европско учество.

Пријавувањето за летниот академски курс е отворено преку аплицирање на овој ЛИНК до 20 јуни 2026 година. Повеќе информации се достапни преку социјалните мрежи на БЕСТ Скопје: Facebook BEST Skopje, Instagram @bestskopje и LinkedIn профилот на организацијата.

Најчитано