Бразил и Јапонија вечерва од 19 часот ја отвораат денешната програма во шеснаесетфиналето на Светското фудбалско првенство, а до раните утрински часови ќе бидат одиграни уште две пресметки од нокаут-фазата.
Први на теренот на стадионот во Хјустон ќе излезат Бразилците и Јапонците. Бразил во нокаут-фазата влезе како победник во групата Ц, додека Јапонија го освои второто место во групата Ф. За селекцијата предводена од Карло Анчелоти секој резултат освен пласман во следната фаза би бил големо разочарување, но Јапонија во изминатите години покажа дека може да им создаде сериозни проблеми и на најсилните репрезентации.
Од 22:30 часот во Бостон ќе играат Германија и Парагвај. Германците влегуваат како фаворити, но нивните настапи во групната фаза не беа целосно убедливи. Парагвај, пак, до нокаут-фазата стигна со дисциплинирана игра и цврста одбрана.
Последниот натпревар од програмата, меѓу Холандија и Мароко, ќе започне во 3 часот по полноќ по македонско време. Дуелот во Монтереј се очекува да биде и најнеизвесниот натпревар во денешната програма, со две селекции кои постепено ја креваа формата во текот на групната фаза.
Нокаут-фазата започна со победата на Канада од 1:0 против Јужна Африка. Победниците од денешните три натпревари ќе обезбедат место меѓу најдобрите 16 репрезентации на Мундијалот.
Распоред по македонско време
19:00 – Бразил – Јапонија
22:30 – Германија – Парагвај
03:00 – Холандија – Мароко
