Британците добија препорака да летуваат во Македонија

Британците добија препорака да летуваат во Македонија како една од европските дестинации во кои можат да ги избегнат долгите редици предизвикани од новиот систем за влез и излез во Шенген-зоната. „Индипендент“ ја вброи земјава меѓу десетте европски избори за одмор во 2026 година кои не се опфатени со системот ЕЕС.

Британскиот весник оценува дека Македонија е потценета балканска дестинација со драматични планински предели, антички локалитети и богато османлиско наследство.

Посебно место во препораката има Охридското Езеро, опишано како едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа. На британските туристи им се препорачуваат стариот дел на Охрид, средновековните цркви, тврдините и традиционалните куќи изградени на стрмните калдрмисани улици.

Како дестинација за краток градски одмор е посочено и Скопје. „Индипендент“ ги издвојува Старата скопска чаршија, Калето и погледите кон Водно и Шар Планина.

Македонија е вклучена на листата бидејќи не е дел од Шенген-зоната и на нејзините граници не се применува европскиот систем ЕЕС. Британските туристи затоа не треба да поминуваат низ новата постапка за земање отпечатоци од прсти и фотографирање што се применува при влез во земјите од Шенген.

ЕЕС беше воведен за електронско регистрирање на влезот и излезот на патниците од земји надвор од Европската Унија. Неговата примена на дел од европските аеродроми и гранични премини предизвика долги редици, доцнења и проблеми за патниците.

„Индипендент“ пишува дека во најлошите случаи туристите чекале и по неколку часа пред пасошката контрола. Поради тоа, весникот им препорачува на Британците да разгледаат дестинации надвор од Шенген, меѓу кои Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово.

Британските државјани можат да престојуваат во Македонија до три месеци без виза. За влез им е потребен важечки пасош, а британското Министерство за надворешни работи ги советува патниците пред заминувањето да ги проверат условите за патување и да обезбедат соодветно осигурување.

Препораката доаѓа во период кога туристите сè почесто бараат поевтини и помалку оптоварени алтернативи на популарните летувалишта во Грција, Италија, Хрватска и Шпанија.

За Македонија, вклучувањето во листата на влијателниот британски весник е можност Охрид, Скопје и планинските дестинации да се претстават пред поширока публика како достапна алтернатива за летен одмор на Балканот.

Најчитано