Будимпешта и Киев постигнаа договор за унгарското малцинство во Украина

Маѓар

Унгарија и Украина постигнаа договор за правата на унгарското малцинство во Украина, прашање кое со години ги оптоваруваше односите меѓу Будимпешта и Киев и беше една од главните пречки во украинскиот европски пат. Унгарскиот премиер Петер Маѓар соопшти дека станува збор за сеопфатен договор за проширување на јазичните, образовните, културните и политичките права на етничките Унгарци во Украина.

Договорот се однесува на унгарската заедница во Закарпатската област, која според проценките брои околу 100.000 луѓе. Маѓар наведе дека Украина ќе треба да го врати системот на училишта за етничките малцинства, да овозможи употреба на мајчиниот јазик во образовниот процес и полагање испити на унгарски јазик, како и употреба на унгарски национални симболи и знамиња за време на прослави.

Според унгарскиот премиер, договорот е резултат на повеќенеделни разговори меѓу унгарски и украински експерти, во кои биле вклучени и политички организации и цркви на унгарската заедница во Закарпатија. Тој порача дека договореното треба да биде вградено во украинското законодавство и во акцискиот план за преговорите за членство во Европската Унија.

Овој договор може да го отвори патот за напредок во пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Reuters објави дека сите членки на ЕУ се согласиле да се работи на отворање на првиот кластер во преговорите со Украина и Молдавија, кој ги опфаќа владеењето на правото и демократските стандарди.

Будимпешта досега ја користеше темата за правата на унгарското малцинство како клучен услов за поддршка на украинскиот евроинтеграциски процес. Маѓар најави дека, доколку договорените права бидат законски гарантирани, Унгарија ќе го поддржи отворањето на првиот преговарачки кластер, но нагласи дека неговата влада не поддржува забрзана постапка за членство на Украина.

За Киев, договорот е дипломатски напредок во момент кога земјата, по повеќе од четири години војна со Русија, се обидува да го задржи фокусот на европската интеграција. За Будимпешта, пак, тој претставува можност да покаже дека поддршката за украинскиот пат кон ЕУ е поврзана со конкретни гаранции за унгарската заедница во Украина.

Најчитано