Бугарија го преполовува стажот за работа на четири часа

Бугарија
By Pudelek (Marcin Szala) – Own work, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=29867958

Работниците во Бугарија кои се вработени со скратено работно време од четири до седум часа дневно од 1 јануари 2027 година ќе добиваат работен стаж според реално одработените часови, наместо целиот работен ден да им се признава како досега.

За вработените на четиричасовно работно време тоа значи дека два работни дена ќе се сметаат како еден ден стаж. Една календарска година работа практично ќе носи околу шест месеци работен стаж.

Промената ќе се одрази и врз платениот годишен одмор. Според толкувањата објавени од Бугарската национална телевизија, работниците на четири часа наместо досегашните 20 ќе имаат право на 10 дена одмор. Новиот начин на пресметување ќе ги опфати и вработените на пет, шест и седум часа.

Во Бугарија има повеќе од 238.000 вработени со скратено работно време, од кои над 173.000 работат по четири часа дневно. Според БНТ, новите правила ќе се однесуваат на работниците кои од 1 јануари 2027 година ќе започнат работа со договор за неполно работно време.

Министерството за труд ја оправдува мерката како обид за сузбивање на сивата економија и практиката работниците формално да бидат пријавени на четири часа, а реално да работат осум часа и дел од платата да ја добиваат во готовина. Според министерката Наталија Ефремова, сите вработени со неполно работно време треба да бидат третирани според реално одработените часови.

Бугарската омбудсманка Велислава Делчева предупреди дека станува збор за една од најголемите промени во пресметувањето на работниот стаж во последните децении. Таа оцени дека не е направена доволна анализа за влијанието врз одморите, надоместоците, додатокот за стаж и другите работнички права.

Промените беа внесени преку законот за буџетот за 2026 година, што предизвика реакции од синдикатите, опозицијата и омбудсманот. Дел од нив најавија оспорување пред Уставниот суд, тврдејќи дека толку значајна измена на трудовото законодавство требало да помине низ посебна јавна расправа.

Најчитано