Бизарно во Битола, наставник по ликовно образование цела учебна година одел на работа во подрачно училиште на ООУ „Тодор Ангелевски“, држел часови, пишувал оценки, имал пристап до електронски дневник и учествувал на наставнички совети, без да знае дека, според училиштето, работниот однос му бил прекинат уште на 29 јануари 2025 година.
Случајот се однесува на наставникот Стефан Поповски, кој бил ангажиран во три битолски училишта за да оформи полн фонд на часови. Според неговото сведочење, во подрачното училиште во Горно Оризари држел по четири часа неделно, водел настава во шесто и осмо одделение, подготвувал ученици за натпревари, учествувал во училишни активности и дури добивал награди со учениците.
Поповски тврди дека не бил информиран дека му е прекинат договорот и дека решението за отказ првпат го видел сега. На документот, според објавените информации, нема негов потпис дека го примил. Тој наведува дека два месеца ја барал платата, стажот и правата за одработениот период, а потоа, како што вели, му бил забранет влез во училиштето.
Најголемата дилема сега не е само дали наставникот ќе ги добие платите што тврди дека ги заработил, туку и што се случува со оценките што ги пишувал, часовите што ги држел и документите во кои бил внесен како наставник. Ако формално не бил вработен, прашањето е како системот му дозволил да предава цела година.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, најави дека дал налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите. Ако тие се потврдат, најави постапка за разрешување на директорката на училиштето.
Поповски веќе најавува дека правдата ќе ја бара на суд, а за случајот е информирано и Основното јавно обвинителство во Битола.
