Центар ги награди најдобрите на Пензионерските спортски игри

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, им додели 30 пехари и симболични награди на победниците на Пензионерските спортски игри 2026, на кои пензионерите се натпреваруваа во пет дисциплини: пикадо, табла, домино, фудбал и кошарка.

Натпреварите се одржаа во машка и женска конкуренција, а целта на манифестацијата е да се поттикнат активниот живот, рекреацијата и дружењето меѓу граѓаните од третото доба.

Герасимовски им честиташе на учесниците за спортскиот дух и ентузијазмот, оценувајќи дека пензионерите се активни граѓани кои заслужуваат внимание, почит и можност да бидат вклучени во општествениот живот.

Тој потсети дека Општина Центар континуирано организира активности за пензионерите, со цел да се зајакнат дружењето, рекреацијата и меѓусебната поврзаност.

Како пример го посочи неодамнешниот настан „Носталгија за корзо – сеќавање за едно убаво време“, на кој пензионери од Скопје прошетаа низ центарот на градот и со игранка ги оживеаја спомените од некогашното градско корзо.

„Со оваа спортска манифестација покажавме дека годините не се пречка за активен живот, дружење и натпреварувачки дух“, порача Герасимовски.

Најчитано