Даноците ја полнат касата: 118 милијарди денари за седум месеци

Државата во првите седум месеци од годинава собрала речиси 118 милијарди денари од даноци, што е за 10 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Најсилен раст има кај данокот на добивка, ДДВ, персоналниот данок и царинските давачки.

Вкупните буџетски приходи до 31 јули достигнале 204,553 милијарди денари, или 53,9 отсто од планираното за целата 2026 година. Во споредба со првите седум месеци од минатата година, во државната каса се слеале 9,3 отсто повеќе пари.

Најголем процентуален раст е регистриран кај данокот на добивка. Компаниите уплатиле 16,687 милијарди денари, што е за 20,6 отсто повеќе од истиот период лани и претставува 62,8 отсто од годишниот план.

Од ДДВ во Буџетот се собрани 53,026 милијарди денари, или 13,4 отсто повеќе од минатата година. ДДВ останува најголемиот поединечен извор на даночни приходи и директно зависи од потрошувачката на граѓаните и компаниите.

Од данокот на личен доход, кој се наплаќа од платите и другите приходи на граѓаните, се собрани 20,925 милијарди денари. Тоа е раст од 11,9 отсто во споредба со периодот јануари-јули 2025 година.

Растат и приходите од увозот. Царинските и другите увозни давачки донеле 9,361 милијарди денари, што е за 10,3 отсто повеќе од лани и претставува 56,4 отсто од планираниот годишен износ.

Истовремено, државата им вратила на компаниите 23,333 милијарди денари по основ на поврат на ДДВ. Повратот е за 3,5 отсто повисок во споредба со првите седум месеци од 2025 година.

Повеќе пари се потрошени и за капитални инвестиции. До крајот на јули биле реализирани 21,288 милијарди денари, што е раст од 39,6 отсто во споредба со истиот период минатата година. За проекти на домашните компании дополнително биле префрлени 717 милиони денари кон Развојната банка.

Паралелно со растот на приходите, државата отплатила 49,351 милијарда денари стари долгови кон странскиот пазар и 11,665 милијарди денари кон домашните кредитори. Исплатени се и 308 милиони денари за обврзници од денационализацијата.

Со ребалансот, вкупните буџетски приходи за 2026 година се проектирани на 379,2 милијарди денари, а даночните приходи на 213,2 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на 425,2 милијарди денари, со дефицит од 46,1 милијарди денари.

Најчитано