Дел од гостиварци одбиваат епидемиолошки анкети

Гостивар

Дел од граѓаните во Гостивар одбиваат да комуницираат со здравствените екипи што спроведуваат епидемиолошки анкети по масовната појава на стомачни тегоби, соопшти доктор Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје.

Тој апелираше граѓаните да одговараат на повиците од Институтот и од Центарот за јавно здравје Тетово и да ги следат препораките за давање примероци за микробиолошко испитување.

„Дел од населението одбива комуникација и затоа би било добро, за да ги добиеме сите релевантни податоци и да направиме анализа на ситуацијата, да учествуваат и да дадат соодветни податоци“, изјави Кочински.

До денес се спроведени околу 60 епидемиолошки анкети. Според Кочински, самиот број на анкети не е пресуден за прогласување епидемија, туку податоците што се добиваат за храната, водата, движењето и контактите на пациентите пред појавата на симптомите.

Досегашните одговори не покажале единствено место или извор што ги поврзува сите случаи. Анкетираните пациенти јаделе и дома и во угостителски објекти, користеле вода од водоводот, а дел од нив пиеле и флаширана вода.

„Не ни даваат индиции во кои можеме да направиме просторно поврзување на случаите. Тоа треба дополнително да се анализира и да ги почекаме резултатите од микробиолошката анализа кај пациентите и резултатите од водата за пиење“, рече Кочински.

Од пациентите досега биле земени само 12 примероци за микробиолошка анализа. Токму овие резултати треба да покажат дали кај заболените постои ист бактериски, вирусен или друг причинител и дали тој може да се поврзе со наодите од водата. Без доволен број примероци, потешко е научно да се утврди заедничкиот извор на заболувањата.

Кочински информираше дека неделниот праг на заболени е надминат и дека до епидемиолошката служба се доставени 140 официјални пријави за заразна болест. Центарот за јавно здравје Тетово треба да донесе одлука за евентуално пријавување епидемија.

„Пријавувањето епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители“, изјави Кочински, додавајќи дека мерките за контрола и превенција веќе се спроведуваат на терен.

Резултатите од анализите на водата се најавени за понеделник, 20 јули, и треба да бидат доставени до Јавното обвинителство, по чија наредба биле земени примероците. До објавувањето на официјалните наоди останува во сила забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод.

Најчитано