Додека Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) со словенечката компанија ИНЕА ги разгледува можностите за потенцијална инвестиција од најмалку 15 милиони евра, три постојни странски инвеститори во зоните веќе го прекинаа или официјално најавија прекин на производството во Македонија. „Дура“ веќе ги запре машините, „Аптив“ најави заминување до крајот на 2026 година, а „БМЗ“ го сели производството во Полска.
Разговорите со ИНЕА сè уште не значат дека инвестицијата е договорена. Информацијата објавена од ТИРЗ зборува за разгледување можности и продолжување на преговорите, без потпишан договор, утврдена локација или рок за почеток на производството.
Словенечката компанија работи во областа на индустриската автоматизација, роботиката, дигитализацијата на производствените процеси и енергетскиот менаџмент. Потенцијалната инвестиција би донела производствена и технолошка диверзификација, но засега останува во фазата на интерес.
Наспроти можноста за 100 нови работни места стојат три конкретни заминувања.
Последниот случај е германската компанија „БМЗ“, која на 17 јули официјално соопшти дека до крајот на 2026 година ќе го затвори погонот во Илинден и целото производство ќе го префрли во фабриката на групацијата во Гливице, Полска. Процесот ќе се одвива во фази од август до декември, а одлуката директно засега 89 вработени.
Разликата меѓу најавата и реализацијата кај „БМЗ“ е особено голема. Во септември 2023 година компанијата потпиша договор за инвестиција вредна 65 милиони евра, со најавени 775 работни места, просечна бруто-плата повисока од 1.200 евра и годишен извоз поголем од 360 милиони евра.
Во септември 2024 година, во присуство на државниот врв, беше поставен камен-темелник на новата фабрика во ТИРЗ Скопје 2. Тогаш се зборуваше за 40 производствени линии и меѓу 700 и 1.000 вработени. До крајот на 2025 година, компанијата имала 122 вработени и загуба од околу 11,7 милиони евра. При затворањето бројот на засегнати работници е 89.
Одлуката на „БМЗ“ е поврзана и со финансиските проблеми на матичната групација. Компанијата влезе во постапка за самоуправувана несолвентност во октомври 2025 година, а значаен дел од бизнисот во февруари 2026 година го презеде германската инвестициска компанија „СКион“. Новото раководство почна консолидација на европското производство и го избра полскиот, а не македонскиот погон.
Но, корпоративното реструктурирање не го затвора прашањето што се случува со договорот со државата. За проектот била предвидена државна помош до 28,7 милиони евра, додека од јавно достапните информации не може прецизно да се утврди колку средства биле исплатени, дали ќе се бара нивно враќање и под кои услови друг инвеститор би можел да го преземе погонот.
Пред „БМЗ“, заминување најави и ирско-американската компанија „Аптив“, која работи во ТИРЗ Скопје 1 од 2016 година. Производството на компоненти за напредна безбедност и корисничко искуство треба целосно да биде префрлено во Полска и Португалија до четвртиот квартал од 2026 година.
Според податоците објавени од самата Дирекција за ТИРЗ, вкупната инвестиција на „Аптив“ изнесува 30,3 милиони евра, а на почетокот од октомври 2024 година компанијата имала 517 вработени. Во текот на 2025 година бројот на работници почнал да се намалува, паралелно со подготовките за затворање на фабриката.
Од ТИРЗ претходно соопштија дека при контролата било утврдено прекршување на обврските од договорот за државна помош и дека се преземаат мерки за враќање на доделените средства. Истовремено, институцијата преговара со други компании кои би можеле да го преземат производствениот капацитет.
Третиот случај е „Дура Аутомотив Системс“. Компанијата влезе во Македонија во 2018 година со почетна инвестиција од 18 милиони евра и план за околу 500 работни места. Подоцна беа промовирани и дополнителни производствени проекти, со кои трите погони на групацијата требаше да вработуваат околу 1.000 лица.
Производството на „Дура“ е веќе запрено поради откажување на нарачките од главниот купувач. Компанијата ја заврши 2025 година со само 14 вработени, што претставува пад од 78 проценти во однос на претходната година, и со загуба од околу 16,9 милиони евра.
Дирекцијата за ТИРЗ бара враќање на дел од приближно седум милиони евра државна помош исплатена во периодот од 2021 до 2023 година. Доколку не биде постигнат договор, беше најавена можност за арбитражна постапка.
Во бројката од три заминувања не е вклучен неуспешниот проект на германскиот производител на електрични автомобили е.GO во ТИРЗ Тетово. Компанијата поднесе барање за несолвентност во март 2024 година, неколку месеци пред почетокот на анализираниот двегодишен период, а фабриката никогаш не почна со производство.
Како заминување не се смета ниту банкротот на белгискиот „Ван Хол“, бидејќи фабриката во Скопје беше преземена од холандската групација VDL и продолжи со работа. Исто така, намалувањето на бројот на работници во компании како „Гентерм“, „ОДВ Електрик“, „Џонсон Мети“, „Леар“ и „Кемет“ не е целосно повлекување од земјата и затоа не е вклучено во конечната бројка.
Трите затворања не значат дека сите странски инвеститори ги напуштаат зоните. Но, тие покажуваат дека политиката за привлекување нови компании не може да се мери само преку одржани состаноци, меморандуми и најавени работни места. „Аптив“, „Дура“ и „БМЗ“ биле претставувани како долгорочни производствени проекти, добиле пристап до инфраструктура и државна поддршка, а нивното заминување отвора прашања за квалитетот на првичните процени и механизмите за заштита на јавните пари.
Во случајот со ИНЕА, потенцијалните 15 милиони евра се нова можност. Во случаите со трите компании што си одат, затворањето, преселувањето на производството и изгубените работни места веќе се конкретна економска реалност.
