Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека е сигурен оти Босна и Херцеговина ќе добие преговарачки статус за членство во Европската унија на 21 март.
– Врз основа на многуте контакти што ги имам, веќе е одлучено БиХ да добие преговарачки статус … Подготвен сум да се обложам дека БиХ доби преговарачки статус. Не верувам дека веднаш ќе добиеме датум за почеток на преговорите, но сигурен сум дека ќе добиеме преговарачки статус, изјави Додик за сараевскиот портал Кликс.ба.
Зборувајќи за можноста високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, чиј легитимитет не го признава, да наметне технички измени во Изборниот закон доколку домашните лидери не се договорат околу тоа, тој повтори дека тоа за него е неприфатливо и дека секое наметнување од страна на Шмит може да доведе до последици за европскиот пат на Босна и Херцеговина.
– Лаже, ништо нема да наметне, денеска му беше шефицата (германската министерка за надворешни работи Аналена) Бербок, па мисли дека може да наметне нешто. Не може ништо да наметне, рече Додик.
Според него, доколку Шмит сепак наметне измени во Изборниот закон, тоа ќе предизвика криза што ќе го запре европскиот пат на БиХ.