Дванаесет години од MH17 се одбележуваат денеска, 17 јули, во знак на сеќавање на 298 патници и членови на екипажот кои загинаа кога авионот на „Малезија ерлајнс“ беше соборен над источна Украина во 2014 година. И покрај судските пресуди и меѓународните одлуки со кои Русија е прогласена за одговорна, тројцата осудени за трагедијата и натаму не се достапни за холандското правосудство.
Летот MH17 патувал од Амстердам кон Куала Лумпур кога бил погоден со ракета од противвоздушниот систем „Бук“ над дел од Донецката област што тогаш бил под контрола на проруските сепаратистички сили.
Во авионот имало државјани на 17 земји, меѓу кои 80 деца. Најголемиот број жртви биле од Холандија, а меѓу загинатите имало и државјани на Малезија, Австралија, Индонезија, Обединетото Кралство, Белгија и други земји.
Меѓународниот истражен тим утврди дека ракетниот систем бил донесен од територијата на Русија и дека потекнувал од 53. противвоздушна ракетна бригада на руската армија, стационирана во Курск. По соборувањето на авионот, системот бил вратен во Русија.
Холандскиот суд во ноември 2022 година ги осуди Игор Гиркин, Сергеј Дубински и Леонид Харченко на доживотен затвор за соборувањето на авионот и убиството на сите 298 лица во него. Четвртиот обвинет, Олег Пулатов, беше ослободен поради недостиг од докази за неговото лично учество.
Судењето се одвиваше во отсуство на обвинетите. Ниту еден од тројцата осудени не ја издржува казната, а Русија одбива да ги екстрадира или да ја прифати одговорноста за соборувањето на цивилниот авион.
Во мај 2025 година, Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство утврди дека Русија е одговорна според меѓународното право за соборувањето на MH17. Постапката пред ова тело ја поведоа Холандија и Австралија.
Два месеца подоцна, Европскиот суд за човекови права едногласно пресуди дека Русија е одговорна за соборувањето на авионот и за смртта на сите лица во него. Судот оцени и дека руското негирање, ширењето спротивставени верзии и попречувањето на истрагата дополнително го зголемиле страдањето на семејствата на жртвите.
Во текот на годините Москва промовираше повеќе меѓусебно спротивставени објаснувања за трагедијата, меѓу кои дека авионот бил соборен од украински борбен авион или од украински ракетен систем. Меѓународната истрага ги отфрли овие тврдења врз основа на сателитски снимки, телефонски разговори, фотографии, видеоматеријали, форензички докази и остатоци од ракетата.
На дванаесетгодишнината, Европската Унија повторно ја повика Русија да ја прифати одговорноста и да соработува во процесот за обесштетување на семејствата. Холандија, Австралија, Украина и нивните партнери порачаа дека потрагата по правда нема да заврши со донесувањето на пресудите.
