Египет претстави план за ставање крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас

 Египет им претстави на страните вклучени во конфликтот меѓу Израел и Хамас план за ставање крај на војната, кој вклучува прекин на огнот, постепено ослободување на заложниците од Газа и формирање палестинска влада од експерти за управување и на Западниот Брег и на Газа. 

Предлогот, кој е разработен со Катар, беше претставен пред Израел, Хамас, американската и европската влада.

Планот предлага прекин на огнот до две недели во кој палестинските милитанти ќе ослободат 40 до 50 заложници во замена за 120 до 150 Палестинци од израелските затвори, изјави висок египетски функционер .

За тоа време ќе продолжат преговорите за примирјето и ослободување на повеќе заложници.

Египет и Катар, исто така, ќе преговараат со сите палестински фракции, вклучително и Хамас, за да се договорат за формирање преодна експертска влада додека не се договори патоказот за одржување претседателски и парламентарни избори.

Во меѓувреме, Израел и Хамас ќе продолжат да преговараат за сеопфатен договор „сите за сите“, рече претставникот, објаснувајќи дека тоа ќе значи ослободување на сите заложници во Газа во замена за сите Палестинци од израелските затвори, како и повлекување на израелската војска од Газа и прекинот на ракетните напади на Хамас врз Израел.

Израел држи околу 8.000 Палестинци во затвори, а 129 заложници остануваат во Газа. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира