Франција е во пламен, Макрон свика кризен состанок

Францускиот претседател Емануел Макрон свика меѓуресорски кризен состанок во Елисејската палата, додека големите шумски пожари продолжуваат да се шират во југозападниот дел од земјата и да се приближуваат кон Бордо.

Од почетокот на годината во Франција изгореле околу 115.000 хектари, соопшти Министерството за внатрешни работи. Најтешка е состојбата во Жиронда и Ланд, каде превентивно биле евакуирани околу 250.000 жители и туристи.

Пожарот кај Саумос во Жиронда зафатил околу 42.000 хектари и принудил речиси 220.000 лица да ги напуштат домовите, хотелите и камповите во 23 општини. Уништени се најмалку 240 куќи, а 75 пожарникари биле повредени, од кои десетмина биле пренесени на лекување.

Во гаснењето само во Жиронда се вклучени околу 2.500 пожарникари, 18 противпожарни летала, 1.500 припадници на армијата и повеќе од 1.200 полицајци и жандарми. Француските власти засега не пријавиле човечки жртви во овој регион.

Дополнителен пожар беснее околу Бискарос и Парентис-ан-Борн во департманот Ланд. Огнот зафатил илјадници хектари, а биле евакуирани населени места, кампови, дом за стари лица и детско одморалиште.

Пожарите се поттикнати од долготрајната суша, високите температури и ветерот. Состојбата во делови од Жиронда привремено се подобрила, но властите предупредуваат дека новото затоплување и температурите до околу 40 степени може повторно да го забрзаат ширењето на огнот.

Макрон најави продолжена државна поддршка за евакуираните семејства и за обновата на уништените подрачја. Кризниот штаб треба да ја координира работата на противпожарните служби, армијата, полицијата, здравствените институции и локалните власти.

Најчитано