ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Независни американски филмови, поезија на Гонџа Озмен, театарска претстава на Евтимов, Вунтуришевиќ и Алембик на „Прво па женско“, Дино Имери во Филхармонија, изложба на Горан Костовски

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме неколку филмови, поезија, театарска претстава, концерти на класично пијано и алтернативна музика, изложба на слики и графики. Гледајте, слушајте, читајте…

Филм: Три наслови на Дејвид Рајкер

Претстојниот викенд филмофилите во Кинотеката ќе имаат уникатна можност за средба со Дејвид Рајкер (David Riker) лично, американски сценарист и филмски режисер, автор од независната сцена, и со три негови наслови. Роден во Бостон, Рајкер со семејството живеел во Брисел, Белгија, а потоа и во Лондон. Настапува на независната филмска сцена со неговиот специфичен неореалистички авторски стил во играниот жанр: „Градот“ (La Ciudad / The City) и „Девојката“ (The Girl) се евидентен пример за тој негов стил.

Рајкер ќе присуствува на проекциите на неговите филмови во Кинотеката и гледачите ќе имаат можност да разговараат со него.

Рајкер е сценарист и на атрактивниот документарец „Валкани војни“ (Dirty Wars, 2013), кој го следи истражувачкиот репортер Џереми Скехил, автор на меѓународниот бестселер „Блеквотер, во срцето на тајните војни на Америка од Авганистан до Јемен, Сомалија и пошироко“. Делумно политички трилер, а делумно детективска приказна, документарецот прави напнато патување низ една од најважните и неистражени приказни на нашето време, освојувајќи номинација за „Оскар“ и десетина награди на светските филмски фестивали.

Џереми Скехил и Рик Роули беа номинирани за „Оскар“ за најдобар документарен филм. Меѓу десетината награди на светските филмски фестивали, ВАЛКАНИ ВОЈНИ ја освои наградата за најдобра фотографија на фестивалот на независен филм во Санденс, чиј автор е Роули, кој е и кинематографер на филмот.

„Валкани војни“ е на програмата на Кинотеката на 12 мај (петок), во 20:00 ч.

Во сторијата на „Девојката“ (2012) самохрана мајка го губи старателството над својот млад син додека се бори да врзе крај со крај, но ја презема контролата врз сопствената судбина откако ќе ја запознае очајната Мексиканка која ја изгубила својата мајка додека се обидувале да се прошверцуваат преку границата со САД. Филмот освои награди на фестивалите Манхајм-Хајделберг и Сан Антонио, а учествуваше во натпреварувачката програма на фестивалот Трибека во Њујорк.

„Девојката“ е на програмата на Кинотеката на 13 мај (сабота), од 18:00 ч.

Во неговиот дебитантски долгометражен игран филм „Градот“ (1998), Рајкер ја раскажува сторијата за четворица шпански имигранти кои живеат во Њујорк… Филмот е реализиран во црно-бела техника за да постигне неореалистичка димензија во стилот на Роберто Роселини и Виторио ДеСика, и освои десетина награди на фестивалите на независен филм во светот.

„Градот“ е на програмата на Кинотеката на 14 мај (недела), од 20:00 ч.

Литература: Поезија на Гонџа Озмен

Најнова книга од едицијата „Балканска женска поезија“,збирката „Не кажувај никому“, ја претставува турската поетеса Гонџа Озмен во најдоброто издание.

Гонџа Озмен е една од најпознатите и највпечатливите турски поетеси од нејзината генерација. Родена во Бурдур, Тефени во 1982 година. Нејзината прва песна објавена е 1997 година во книжевното списание Varlık и веднаш била прогласена за „поетеса на која треба да се обрне внимание во иднина“ (Младински награди Јашар Наби Најир). „Не кажувај никому“ е прва книга на Озмен објавена на македонски јазик, а нејзината поезија преведувана е на англиски, германски, француски, шпански, словенечки, италијански, романски, персиски, грчки и хебрејски јазик. За своето поетско творештво Озмен е добитничка на бројни награди за поезија.

Препевот од турски на македонски јазик го направија Наташа Забрчанец и Звонко Димоски, дизајнот на корицата е на Емилија Малезан, додека поговорот е на акад. Катица Ќулавкова.

Изданието е реализирано со  поддршка на Регионалната мрежа за културна разновидност – РЕАД (Regional Network for Cultural Diversity – READ). РЕАД проектот го спроведува Гете-институт Скопје во соработка со пет партнерски организации од балканските земји.

“Не кажувај никому“ на турската поетеса Гонџа Озмен е трета објавена поетска збирка во рамките на едицијата „Балканска женска поезија“, чиј уредник е Звонко Димоски. Претходно беа објавени „Мајка ми знае што се случува по градовите“ и „Денови  со полна месечина“ од српските авторки Радмила Петровиќ, односно Витомирка Требовац.

Театар: „Тик-Так“ на Синиша Евтимов во Турски Театар

Работена според мотивите на „Тoc toc“ (Trastorno Obsesivo Compulsivo, „Опсесивно-компулсивно нарушување“ во превод од шпански јазик) на францускиот писател Лорен Бафи и шпанскиот режисер Висенте Виљануева, „Тик-Так“ е новата поставка на Синиша Евтимов.

Можеме ли компулсивно-опсесивните нарушувања да ги читаме како парадигма на нашето современо живеење? Колку во ова време на високи технологии, сепак, се соочуваме со недостаток на вистинска комуникација? Дали надминувањето на сопствените проблеми, стравови, опсесии и фрустрации можеме да го пронајдеме во решавањето на проблемите на другите? Можно ли е нашите проблеми, стравови, опсесии и фрустрации да резултираат со љубов? Дали опсесивно-компулсивното нарушување на одредена личност ставено во радикално поинаков контекст може да се претвори во генијалност? Дали е можно авторитетот подобро да функционира кога е прикриен, затскриен зад маската на „обичноста“? Дали елекромагнетните бранови од мобилите телефони нè полудуваат? Можно ли е да се отвори Пандорината кутија што ја носиме во себе за храбро да се соочиме со сите зла кои ќе излезат од неа и да ги надминеме или победиме?… се дел од прашањата што ги отвора оваа пиеса.

Играат Селпин Керим, Осман Али, Неат Али, Несрин Таир, Ебру Мусли, Филиз Ахмет и Бурханедин Ибрахим. Во текот на изведбата ќе се проектира и превод на македонски јазик.

Сценографијата е на Илина Ангеловска, а костимите на Александар Ношпал. Претставата „Тик-Так“ во режија на Синиша Евтимов ја имаше премиерната изведба во Турски театар (во објектот на Театар Комедија) на 9 мај.

Евтимов го постави истиот текст во 2019 во Македонскиот народен театар (МНТ), а таму се игра како „Мој термин“. Вели дека станува збор за различна публика, која за жал, не ги гледа претставите во двата театра.

Бојана Вунтуришевиќ и Алембик на „Прво па женско“ 11 издание

Во сабота (13 мај), како дел од концертната програма на фестивалот за промоција на феминистичката култура и активизам – Прво па женско, ќе имаме прилика да ги гледаме Бојана Вунтуришевиќ од Белград и дуото Алембик од Скопје. Концертот почнува во 21 часот во денсинг салата на Младинскиот Културен Центар.

Бојана Вунтуришевиќ, една од најактуелните кантавторки во регионов. Ја знаеме како како пејачка на инди поп бендот Svi na pod! А од 2016 година почнува и со соло кариера. Нејзиниот деби албум Daljine доби многу позитивни критики и признанија, а во 2021 година со песната „Пари“, го најави и вториот албум „Ljubav“, кој го издаде во февруари оваа година. Вунтуришевиќ го опишува нејзиниот стил како „капиталистички блуз“ и црпи влијанија од инди поп, трип хоп и денсхол. Заедно со Бојана доаѓа и бубњарот Пеѓа Милутиновиќ.

Алембик се Виктор Танасковски (електрична и акустична гитара, бас гитара, мандола, вокал) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку (алхемиска) игра со музичките елементи (оттука и идејата позади името).

ППЖ11 е поддржан од Амбасадата на Шведска во Скопје, The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура. Концертот е во соработка со Младински Културен Центар и Liveurope.

Изложба: “Во Цут” (2021/2023)

Изложбата Во Цут – на дизајнерот Горан Костовски – Ind.o.g. ќе биде отворена на 18 Мај 2023 г. во Мобилна/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности, лоцирана во Паркот на Франкофонијата, со почеток во 18:30 часот.

Изложбата “Во Цут” се состои од платна, слики и графики цртани изминативе 2 години. Таа има за цел да ја претстави пролетта и самото будење на природата. Авторот се поистоветува со будењето на природата како фаза за себе будење низ процесот на депресија и тага и надежта за подобар свет и грижа на планетата земја. Менталното здравје е во фокус на изложбата и има за цел за презентирање на нови визии идеи за грижата на луѓето за животната средина и колективната грижа. Цветовите кои што се дел од делата симболизираат: Љубов, Надеж, Грижа кон себе и природата, Тага, Живот, Радост.

Изложбата ќе биде отворена до 26 мај 2023 година и може да се погледне секој работен ден после 17:00 ч. Изложбата е поддржана од Центарот за современи уметности Скопје, Министерството за култура на Република Северна Македонија и Општината Центар”.

Горан Костовски – Индог е уметнички директор, илустратор, дизајнер, уличен уметник и активист. Роден 1983 година во Скопје. Изложувал на низа самостојни и групни презентации, како и видео перформанси, во Скопје, Париз, Лондон, Амстердам, Берлин, Цеље… Со текот на годините, тој соработувал со многу организации, корпорации, музичари и уметници. Работел на различни уметнички активности и кампањи за подигање на свеста; создавање и истражување на визуелни идентитети.

Концерт: Рецитал на Дино Имери во Филхармонија

На 17 мај (среда), со почеток во 20 часот во Големата сала на Филхармонија, рецитал ќе одржи пијанистот Дино Имери. Концертот е насловен „Ишарет“, а на програмата се дела од Де Фаља, Момпу, Равел и Бизе.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите концерти. Настапувал во Австрија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија (гостувал рекордни пет пати во три сезони на Софиската Филхармонија, дополнително изведувајќи рецитал со дела од македонски автори во Софија во рамки на циклусот „Музиката на Европа – Македонија“), Словенија и др.

„Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење“, пишува во еден осврт на музичките критичари.

Имери настапувал со Стразбуршкиот Филхармониски Оркестар, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на Националната Опера и Балет. Соработувал со еминентни уметници меѓу кои диригентите Јосеп Висент, Најден Тодоров, Емил Табаков, Саша Николовски-Ѓумар, Дијана Имери Илкоска, Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, Кире Костов, Ле Фи Фи, Бисера Чадловска, потоа пејачи и инструменталисти како Игор и Ана Дурловски, Благој Нацоски, Либуше Санторисова, Алексеј Шаповалов, Луиџи Скифано, Бојан Илкоски, Влатко Стефановски, Ади Имери, Стојан и Нинослав Димови, актерката Симона Спировска, балерина и кореограф Ивана Коцевска и др.

Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои награда „Виртуози“ за млад музички уметник, „Св. Мајка Тереза“ за хуманост, лауреат на Фондација „Томислав Зографски“, „Златна бубамара на популарноста“, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européendepiano– Normandieи др.

Покрај концертната дејност, Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи меѓу кои „Dino Imeri LIVE“ (2010, Piano Plage France), “Reflections” (2020, PMG Jazz), “Passions” (Con:tempo, 2021) и др.

Имери бележи бројни успеси и како млад композитор, пишувајќи музика за филм, театар (соработка со независниот театар Артопија), балет („Дијалози“ на Ивана Коцевска), инструментална и вокална музика, мултимедијални проекти („Проста и строга македонска песна – 100 години од раѓањето на Блаже Конески“).

Концерт на Дино Имери (клавир) и Бојан Илкоски (виолина)

Треба да знаете
Moже да ве интересира