Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Уникатен документарец, ново видување на „Ревизор“, изложба на графики и „Големи мали лаги“ на ТВ

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме еден филмски документарец, телевизиска серија, изложба на графики и театарска премиера. Гледајте, слушајте, читајте…

„Планета на овците“ (Planet Sheep) е документарен филм во продукција на Германија/Македонија/Кина од 2021 година, во времетраење од 90 минути, по сценарио и во режија на Марвин Ентолт (Marvin Entholt).

Раскажана со хумор и топлина, сторијата на овој документарец ја истражува нераскинливата врска меѓу луѓето и нивните волнени пријатели, која трае цели 11.000 години. Денес на светот има повеќе од милијарда овци и време е да ја погледнеме нивната сегашност и иднина.

Продуценти на филмот се Кристијан Калер (Kristian Kahler) и Леланд Линг (Leland Ling), а копродуцент е нашиот Атанас Георгиев со неговата продукциска куќа Trice Films. Сигурно веќе ви е добро познато дека тој е еден од авторите на документарецот „Медена земја“ (Honeyland), еден од најнаградуваните филмови во историјата на македонската кинематографија; двете номинации за „Оскар“ и трите награди на „Санденс“ беа дури раритет и во историите на овие манифестации/фестивали.

Проекциите на „Планета на овците“ се во Кинотека на 5 мај (петок), 18:00 ч., 8 мај (понеделник), 18:00 ч., 9 мај (вторник), 20:00 ч., 10 мај (среда), 20:00 ч. и 11 мај (четврток), 20:00 ч.

Театарска претстава: „Ревизор“ на Театар Комедија

„Ревизор“ од Николај Васиљевич Гогољ, во режија и адаптација на Андреј Цветановски, е новата премиера на скопскиот Театар Комедија.

„Ревизор“, темелникот на современата руска драмска литература, според режисерот Цветановски зборува за малограѓанштината не како географска одредница, туку како состојба на духот. Зборува за стравот од нешто повисоко и за расипаноста на оние кои го обожуваат врховното божество, власта. Гротеска на односот на граѓаните кон власта и нивната заслепеност од сјајниот костум на Петербург. Оваа претстава зборува за човековиот страв од власта и потребата од моќ кои како појави се појавуваат во овој систем и го јадат одвнатре до точка од која нема враќање.

Дали сите се наоѓаме во оваа приказна? До кога ќе живееме во свет во кој моќта претставува основна човечка карактеристика? И она најважното… Сите ли сме си наши?

Во претставата играат Тони Денковски, Сергеј Димоски, Виктор Арсов, Жаклина Стевковска Дрнасин, Жаклина Петровска Милјановска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Столе Мицов, Јаков Спасов, Ангела Стојановска, Марија Кондовска и Христијан Поп Симонов.

Сценограф на претставата е Сергеј Светозарев, а костимите  се на Ивана Каранфиловска.

Љубителите на драмската литература, освен што би ја погледнале претставата, сигурно нема да згрешат и ако ја препрочитаат драмата на Гогољ.

Премиерата на „Ревизор“ во Театар Комедија е закажана за 5 мај (петок), во 20:00 ч., а репризните претстави се на 6 мај (сабота), 20:00 ч., и 23 мај (вторник) во 20:00 ч.

Изложба на графики „Носталгија“ на Иван Мегленов

На 6 мај (сабота), со почеток од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци ќе биде отворена изложба на графики на Иван Мегленов, насловена “Носталгија“.

Изложбата “Носталгија“ е составена од серијал графики во ситопечат техника, кои се интерпретација на спомените на авторот, артефакти од блиското минато, чија функционалност е излишна или заборавена, но имаат оставено трага на нас и е од голема емоционална вредност. Графиките ја прикажуваат емотивната врска со сеќавањата на детството и раната младост на авторот. Стилот на нивната изработка потсетува на едно убаво поминато време и буди носталгија по него.

Уметникот Мегленов (Скопје, 1996), за прв пат самостојно изложува во Кавадарци, градот од кој потекнува неговото семејство. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2019 година, на отсек графика, паралелно студирајќи на Академијата за визуелни уметности при “Џолев и уметностите“, а денес е дел од тимот на маркетинг агенцијата “Публицис“ како графички дизајнер.

Изложбата е во организација на Дом на култура “Иван Мазов – Климе“, а е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

ТВ серија:Големи мали лаги“

„Големи мали лаги“ (Big Little Lies, 2017-2019) е драмска серија на ХБО со Рис Витерспун, Никол Кидман и Шајлин Вудли во главните улоги. Мрачната хумористична серија раскажува сторија за три мајки од Северна Калифорнија, чии навидум совршени животи водат до убиство…

ТВ серијата е снимена според истоимениот популарен роман и се одвива во Монтереј, Калифорнија. Започнува со убиство за време на донаторски настан во едно основно училиште. Иако жртвата и извршителот првично остануваат мистерија, изгледа веројатно дека убиството било поттикнато од ривалството и тајните присутни кај три мајки.

Домаќинката Медлин Мекензи (Рис Витерспун) е љубоморна на новата помлада сопруга на нејзиниот поранешен сопруг, Бони (Зои Кравиц), која е инструкторка по јога и има зен-карактер. Тука се и најдобрата пријателка на Медлин, Селест Рајт (Никол Кидман), поранешна адвокатка со навидум совршен брак со еден помлад маж (Александер Скарсгард) и Џејн Чапман (Шајлин Вудли), самохрана мајка со мрачно минато, а која Медлин и Селест ја земаат во своето друштво. Сторијата е испресечена со снимки од распитите и ривалствата, кои се вртат околу Медлин и нејзината соперничка, експертката за технологија Рената Клајн (Лора Дерн).

ТВ серијата има две сезони од седум епизоди полни со напнатост, но и хумористични моменти, кои прикажуваат како секоја од трите жени имала нешто да крие што довело до таа судбоносна ноќ.

„Мали големи лаги“ освои педесеттина награди и забележа над 100 номинации за награди и признанија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира